Европските берзи стагнираат, пад на азиските, се тргува внимателно

На европските берзи се тргува претпазливо во средата претпладнето, како што беше случајот на Волстрит претходниот ден, а индексите стагнираат додека инвеститорите чекаат нови вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот пресек од трговскиот ден беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабна за 0,10 отсто, на 7.920 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,05 отсто, на 18.395 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,04 отсто, на 8.180 поени.

А на повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот пресек како и во Европа беше во минус за 0,4 отсто. Истовремено, индексот Nikkei порасна за 0,9 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,5 отсто. Во Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 1,3 отсто.

Пазарите се претпазливи, како и вчера на Волстрит, кога цените на акциите паднаа трет ден по ред. Dow Jones загуби 0,08 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,28 отсто, а Nasdaq индексот 0,42 отсто.

Минатата седмица овие индекси достигнаа рекордни нивоа, а нема нови вести кои би поттикнале раст на цените на акциите.

На неодамнешната седница, челниците на американската централна банка останаа на оценката дека годинава би можеле трипати да ги намалат каматните стапки. Тоа ги охрабри инвеститорите, бидејќи стравуваа дека Fed ќе го одложи намалувањето на каматните стапки во јануари и февруари поради зголемената инфлација во САД.

Сепак, сите добри вести веќе се вградени на пазарот, кој расте веќе петти месец по ред, па прашање е, велат аналитичарите, дали сѐ уште има простор за раст на цените на акциите.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат новите податоци за инфлацијата во САД, кои би можеле да укажат кога централната банка ќе почне да ги намалува каматните стапки.

Но, извештајот за индексот на трошоците за лична потрошувачка, кој внимателно го следат шефввите на Fed, нема да биде објавен до петок, кога најголемата светска берза ќе биде затворена за велигднеските празници.

„Најважните нови податоци ќе бидат објавени во петок. Дотогаш нема да има никакви значајни извештаи, така што не очекувам да се случи нешто значајно на пазарот“, вели Стивен Масока, потпретседател во „Wedbush Securities“.