Во четвртокот во француското Национално собрание се одржа „историското гласање“ кога пратениците усвоија нацрт-резолуција со која се осудува масакрот врз Алжирците на 17-ти октомври 1961 година во Париз.
На покана на Националниот ослободителен фронт (FLN), кој се бореше за независност на Алжир, околу 30.000 Алжирци мирно демонстрираа тој ден во Париз против полицискиот час што им беше воведен, а во интервенцијата на полицијата, според историчарите, убиени се меѓу 30 и 200 демонстранти.
Во текстот на резолуцијата, којашто првенствено има симболично значење, „се осудува крвавата и смртоносна репресија врз Алжирците извршена под водство на началникот на полицијата Морис Папон“.
Се бара и денот на сеќавањето на тој масакр да се додаде на списокот на државни празници и официјални церемонии.
Резолуцијата ја предложија пратеничката на Зелените, Сабрина Себехи и пратеничката Жули Делпеш од Преродба. Предлогот на резолуцијата беше поддржан од 67 пратеници, а 11 гласаа против, сите од крајно десничарската партоја Национален собир.
Себехи го поздрави „историското гласање“ и рече дека тоа претставува прва фаза во напорите „да се препознае тој колонијален криминал, да се признае криминалот на државата“.
Сепак, терминот „државен криминал“ беше испуштен во резолуцијата за да се постигне консензус околу него.
Историчарите наведуваат дека тој ден Алжирците биле бркани по улиците и станиците на метрото, на уапсените им ги врзувале рацете и ги тепале со пендреци, а потоа ги фрлиле во Сена, некои сѐ уште биле живи, по што во агонија се удавиле. Тоа бил ден кога телата на убиените Алжирци испливаа по Сена.