Руското производство во март забележа најголем раст во последните 17 ипол години

Во март годинава производната активност на Русија се прошири со најбрзо темпо во споредба со изминатите 17 ипол години, во услови на извонреден пораст на побарувачката, покажаа денешните податоци од анкетата на менаџерите за набавки од S&P Global, јави ДПА.

Руската производна активност забележа најдобри перформанси од август 2006 година. Силниот раст во март беше поттикнат од поострите проширувања на производството и новите нарачки, при што последните се зголемија со најбрзо темпо. Според производителите, растот на нарачките е поттикнат од силните услови на побарувачка и успешните маркетинг кампањи.

Новата извозна побарувачка се зголеми за првпат во последните пет месеци и беше најбрза во однос на август минатата година. Како резултат на тоа, производството порасна со најостро темпо од јануари 2017 година.

Производителите на стоки ја зголемија вработеноста како одговор на зголемените барања за производство. Стапката на отворање нови работни места беше највисока од ноември 2000 година.

Инфлацијата, исто така, се ублажи на најниско ниво во последните девет месеци. Руските производители на стоки објавија пораст на деловната доверба во март, бидејќи посилните услови на побарувачката ги зголемија очекувањата за производството.