Основното јавно обвинителство се огласи по денешниот вооружен напад врз градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими.
-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место, издаде наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења. Ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија, информираат од Обвинителството.
Од МВР претходно информираа дека денеска на влез во Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот кој бил заедно со уште неколку лица.
-При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник, информираа од Министерството.
СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.