Иран и Русија блиску до нов договор

Москва и Техеран работат на финалната верзија на сеопфатниот нов договор, кој е сѐ блиску до потпишување, изјави директорот на Вториот оддел за Азија во руското Министерство за надворешни работи, Замир Кабулов.

Тој истакна дека проектот веќе бил на „високо ниво на подготвеност“ на почетокот на годината, но е одложен за некој  период поради некои ревизии од иранска страна.

Билатералниот договор се подготвува по наредба на рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кои се согласија да го развијат во јануари 2022 година со цел да се постигне долгорочно стратешко партнерство.

Во меѓувреме, соработката меѓу Москва и Техеран продолжи да расте на други полиња во последниве години, бидејќи двете страни активно меѓусебно се поддржуваат на меѓународната сцена. По израелскиот напад оваа недела врз иранската дипломатска мисија во Дамаск, Русија повика на итен состанок на Советот за безбедност на ОН.

Руското Министерство за надворешни работи го осуди воздушниот напад, во кој загинаа неколку ирански дипломати и офицери, вклучително и двајца генерали, како „целосно неприфатлив“ и го повика Израел да се откаже од сите провокативни воени дејства во Сирија и другите соседни земји, предупредувајќи на потенцијални последици за регионот.

Техеран, пак, остро го осуди минатомесечниот терористички напад во концертната сала „Крокус“ во близина на Москва, кој доведе до смрт на над 140 луѓе. Иран вети дека поактивно ќе соработува со Русија во борбата против тероризмот.