Со ова мое пишување сакам да ја запознам македонската јавност за работата и можноста на преиспитување и делување на разни републички совети кои функционираат во Република Македонија, a некои со можност за укинување поради нефункционалност, непочитување и неспроведување на законите од надлежната област за кои се поставени и затоа што се руинирани републички совети на Државните инспекторати, кои се во рамките на министерствата, а тоа е од причина и факт што се под влијание на политиката, односно во рацете на политичките партии ДУИ-СДСМ-АА.
Во ова мое пишување ќе се осврнам на Републичкиот инспекциски совет (РИС) и неговото (НЕ)функционирање и со прашање: Што е РИС или ИС, а што работи?
Инспекцискиот совет како самостоен државен орган со својствo на правно лице, кој е формиран заради спроведување надлежности во делокругот утврдени со Законот за инспекциски надзор (ЗИН) во Република Македонија, како што наведуваат и се искажуваат од Републичкиот инспекциски совет (РИС или ИС) дека: „Инспекцискиот совет е клучна институција во системот на инспекцискиот надзор и е самостоен орган на државната управа, чија основна надлежност е следењето и кординацијата на работењето на инспекциските служби на централно ниво… Претседателот и членовите на Инспекцискиот совет (ИС) ги именува и разрешува Владата на Република Македонија, со мандат од три години со право на уште еден повторен избор. И секако се забранува политичко организирање и дејствување на Советот…“. Вака законски е добро срочено!
Која е улогата на Инспекцискиот совет во кординацијата со инспекциските служби?
Инспекцискиот совет (ИС) функционира со кординацијата на работењето на инспекциските служби на републичко ниво. Па така, покрај претседател на ИС има и членови кои работаат по области и тоа:
- Во област-пазар, работни односи и безбедност и здравје со Државните инспекторати за техничка институции, инспекторат за труд, девизен инспекторат;
- Во област- животна средина и заштита на здравјето на луѓето, со Државните инспекторати за санитарни и здравствени инспекторати, животна средина, ЦУК…
- Во област – за градежништво, урбанизам и транспорт со државните нивни инспекторати…
- Во областа и инспекторати во областа на земјоделството, шумарството ветеринарството и безбедност и храна, и нивните инспекторати
- Во областа на Управата и нивните Државниот управен инспекторат, инспекторат за локална самоуправа… и
- Во областа на образованието, науката и културата и нивните државни инспекторати
По горенаведените области на ИС членовите се именувани и назначени од политичката партија ДУИ-СДСМ, како и претседател на ИС. Во практиката назначените членови по области и претседателот на Инспекцискиот совет се политички поставени. Што значи спротивно на законот! А, не по мерит системот!
Каков орган е Инспекцискиот совет (ИС) и кои се неговите надлежности?
Советот е колегијален орган, кој одлуките ги носи со мнозинство гласови од вкупниот број на членови, а раководната функција ја има претседателот на советот.
Поконкретно во член 18 Законот за инспекциски надзор (ЗИН), таксативно се наброени надлежностите на Советот, кои се поврзани, односно се однесуваат на: инспекциските служби во органите на државната управа, односно централната власт, на сите инспектори, инспекциските служби,… постапуваат по преставки од физички и правни лица поврзани со работата на инспекторите и инспекциските служби… издавање и одземање лиценца на инспекторите, поднесува иницијатива за утврдување на дисциплинска одговорност на инспекторот. Поконкретно кажано, во делокругот на работата на Инспекцискиот совет, како што напоменав, покрај, кординирање на работата на инспекциските служби е поднесување иницијатива за утврдување на дисциплинска одговорност на инспекторот до Државниот орган од каде се во случај ако утврди дека инспекторите-нестручно и несовесно ја вршат работата, меѓу другото, ако инспекторот не го почитува етичкиот кодекс за инспекторирање, ако го злоупотребува статусот на инспектор заради лични или материјална корист, поднесување на предлози за разрешување на директор на инспекциска служба… и слично. Ова е законска основа за Инспекцискиот совет.
Инспекторите треба да ги спроведуваат основните начела на инспекцискиот надзор
Според Законот за инспекциски надзор, инспекторите при инспекциските надзори треба да се поведуваат по основните начела: член 5 законитост, член 6 заштита на јавниот интерес, член 7 еднаквост, непристрасност и објективност, член 8 одговорност, односно инспекторот е одговорен за стручно и совесно извршување на инспекцискиот надзор и за штетата предизвикана со незаконито дејствие или незаконито одбивање да преземе соодветно дејствие, член 9 материјална вистина – Инспекторот по службена должност, ја утврдува фактичката состојба и изведува докази во постапката на инспекцискиот надзор, член10 начело на сослушување на субјектите на инспекцискиот надзор, инспекторот е должен да им даде можност на субјектите на инспекцискиот надзор да се изјаснат за фактите и околностите при инспекцискиот надзор, член 11. Начело на самостојност, член 12, начело на јавност, член 13, начело на пропорционалност, член 14, начело на превентивност, член 15, начело на супсидијарност, односно во инспекциските постапки се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка (ЗОУП), ако со овој или друг закон поинаку не е уредено.
Што покажува практиката
Практиката покажува дека во поголем број случаи на инспекциските надзори на Државните инспекторати при министерствата, повеќе инспектори по горе наведените области не се поведуваат по Законот за инспекцискиот надзор и нивните основни законски начела и работаат спротивно на законот. Ова е општата констатација и перцепцијата дека Инспекцискиот совет е корумпиран, криминален, зависно од политичките партии на власт, односно потпаѓа под влијание на извршната власт што не е европска пракса.
Секојдневните поплаки и преставки доставени од засегнати граѓани до Инспекцискиот совет, од работата на инспекторите во Државните инспекторати, кои се во рамките на министерствата, како што се: пазарна, за работни односи и безбедност, за работни односи, животната средина, заштита на здравјето на луѓето, градежништвото, урбанизмот, транспортот, во областа на земјоделството, шумарството, ветеринарството, безбедност и храна и здравје, локална самоуправа, во областа на образованието, науката и културата и слично, покажува дека Државните инспекторати се нефункционални, корумпирани и криминални и се под политичко влијание на извршната власт на ДУИ-СДС, а Републичкиот инспекциски совет е неефикасен во неговата основна задача, во кординирање на инспекторатите и затоа перцепцијата е дека ИС треба да се трансформира како совет.
Конкретни примери од областа на образоаванието, науката и културата
Во ова мое пишување ќе се осврнам само на областа образование со лични примери и претставки. Па, така:
До Инспекцискиот совет (ИС) од областа образование, наука и култура, во период од 2019 година, чиј нејзин член е Ќерамедин Селими – кој е поставен од политичката партија ДУИ, пред повеќе години, како и до поранешната претседателка на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска – член на СДСМ (сега директор на Фондот за здравствено осигурување), како и кон актуелната претседателка на ИС, Даниела Радевска, се доставени преставки од (моја страна) со барање до ИС за поведување на дисциплинска постапка на инспекторите Африм Саљиу, Даниела Кироска и Христина Јовановска, со наведени факти за нестручно и несовесно постапување, непрофесионален однос, нарушување на етичкиот кодекс, судир на интереси во врска со извршен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правен факултет (допис до ИС 23.08.2019г. 16-558/6), со незаконско унапредување на Арбер Адеми (тогашен министер за обрзование и наука…), Агим Нухиу (тогашен заменик министер во министерството за внатрешни работи…) од таа претставка до ИС нема никаква одговорност. Во правна држава за вакви прекршувања и незаконитости им се одзема лиценцата за инспектор. Но, тука нема ништо. Партиското влијание на ДУИ-СДСМ е пресудно! За овој случај Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) по предметот со истите наводи, против инспекторот Африм Саљиу, констатирана е состојба на судир на интереси при извршувањето на вонредниот инспекциски надзор од страна на лицето Африм Саљиу, бидејќи службеното лице имало приватен интерес што може да влијае врз непристрасното вршење на неговата службена должност, односно истото лице било должно да ги презема сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес и за тоа да го извести својот претпоставен соглсно член 72 став 2 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, лицето е должно да побара мислење од ДКСК, согласно член 72 став 3 од истиот закон. ДКСК му изрекува глоба во износ од 500 евра на Африм Саљиу, бидејќи го прекршил член 75 став 1 од ЗСКСИ по член 107 став 1 од истиот закон… Исто така, ДКСК бара од Инспекцискиот совет да поведе постапка за инспекторот Африм Саљиу, зашто не ги поништила неговите записници. Во ваков случај, кога е утврден конфликт на интереси, сите одлуки на инспекторот се ништовни. Наместо ИС да преземе санкции и одземање на лиценца. Тој и другите инспектори се унапредени од ДУИ-СДСМ, односно од министерот за образование (поранешен Арбер Адеми и од тогашниот Директор на Државниот просветниот инспекторат Томе Спироски, роднина на Оливер Спасовски). Ова го има само во трула држава. А, ние тоа сме со оваа извршна власт!
Втор пример: До ИС е доставена претставка, против просветниот инспектор Даниела Кироска – Советник државен просветен инспектор (раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование при ДПИ), од извршен вонреден инспекциски надзор на Меѓународен Славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе, по инспекциски надзор Записник бр.09-1775 од 20.01.2023 година, по Преставка бр.03-1775 од 1.12.2022 година, поднесена од моја страна.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор Записник бр.09-1775 од 20.01.2023 година на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе-Битола од страна на просветниот инспектор Даниела Кировска, истиот е нестручно, несовесно извршен, не ја утврдува фактичката состојба, односно непрофесионален однос во извршување со прикривање на факти. Што е спротивно на ЗИН и неговите основни начела, како и на член 2 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси (Сл.весник на РМ.бр.12/2019) каде што: „под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности“.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на просветниот инспектор Даниела Кировска, Записник бр.09-1775 од 20.01.2023 година на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе-Битола, наведува дека просветниот инспектор „студент“ Зоран Ристески завршил прв и втор циклус на студии на Правниот факултет на Славјанскиот универзитет во Свети Николе. Имено, „студентот“ инспектор Зоран Ристески дипломирал на Правниот факултет во Свети Николе во 2020/2021 година. Со што се стекнал за неполни две години, од неговото запишување на додипломски четиригодишни студии Правен факултет, и на истиот Славјански универзитет за една година завршува магистерски (што значи за три години завршува додипломски четиригодишни Правен факултет и магистерски). За ова може да му позавиди и Ајштајн, ама оној правиот, не Таљат Џафери. И веднаш се запишува на докторски студии на Правниот факултет во Кичево и докторира. Е, тоа ти е високото образование во МОЈА МАКЕДОНИЈА! Инспекторот Даниела Кироска, за сето ова не гледа законски пропусти и не презема соодветни законски мерки (колегата „студент“ Зоран Ристески завршува без да констатира колешката Даниела Кироска колку платил -финансиски, и колку го чини додипломските и магистерските студии. Тоа небило нејзина работа? Чија е? И покрај доставената претставка од моја страна до ИС (лично беше запозната Даниела Рендевска-претседател на ИС) и со барање Инспекцискиот совет да постапи согласно ЗИН и основните начела против инспекторката Даниела Кироска. Но, од страна на ИС нема никаква постапка и никакви законски мерки. Наместо дисциплински мерки и одземање на лиценца, е наградена од страна на одговорните на ДУИ и СДСМ. Вака работи Републичкиот инспекциски совет! Трулеж на институцијата!.
Во конкретниот случај Државните просветни инспектори „студенти“ Зоран Ристески и Христина Јовановска, како Државни просветни инспектори за високо образование извршувале и извршуваат инспекциски надзори на овие универзитети во Свети Николе и на Правниот факултет во Кичево при УКЛО-Битола, што е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси (Сл.весник на РМбр.12/2019), како што наведов е спротивно на член 2 став 3 од истиот Закон. Воедно со ваквите дејанија на инспекторите согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси, овие инспектори согласно член 8 став 7, го губат „интегритетот“ што подразбира законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата…“.
Па затоа, кога не се почитуваат законите, нема одговорност и Државните инспекторати се места за криминал и корупција. На сето ова ИС е соученик во незаконитоста!.
Еве уште некој пример, кои се актуелни во образованието, а се објавени во моите колумни:
По доставена преставка од кандидат за ректор на УИНТ-Охрид, за извршување на инспекциски надзор од незаконска постапка на Универзитетската изборна комисија. Од страна на Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев констатирани во Записник бр.ИП1 09-1172 од 28.12.2023 година, на УИНТ-Охрид, а во однос на избор на кандидати за ректор, наведените инспектори утврдиле „факти“ и констатирале „се било во ред“ и предметот „се запира“. Ваквиот нестручен, непрофесионален, тенденциозен и под влијание катастрофален записник од страна на овие инспектори е спротивно на ЗИН и основните начела и етичкиот кодекс. Срам за Државниот просветен инспекторат!
Незадоволни од постапката, а со барање на иницијаторот на преставката се бара од Државниот просветен инспекторат и Републичкиот инспекциски совет изземање на овие инспектори и следи дополнителен инспекциски надзор, по незаконското постапување на Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев, на истиот Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид (УИНТ).
Па така, на 5.01.2024 година, се врши дополнителен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот, од страна на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска. Во поглед на наводите од преставката за преиспитување на комплетност на документацијата на кандидатот Анастас Џуроски, односно дали кандидатот има доставено комплетна документација согласно член 173 став 2 од ЗВО. Дали Програмата за работа на ректор во периодот 2024-2027 година, своерачно потпишан. Од Записникот ИП1 бр.09-02 од 09.01.2024 година, од повторното преиспитување на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, констатира дека: кандидатот за ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле – Охрид, Анастас Џуроски нема доставено Одлука за редовен професор потврден од сенатот на УКЛО-Битола што е спротивно на член 173 став2 од ЗВО. Исто така и во однос на Програмата за работа не е своерачно потпишан од кандидатот за ректор Анастас Џуроски.
И покрај констатирани неправилности Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, наместо да достави управен акт решение за отстранување на неправилностите на Универзитетот, таа (инспекторката) го насочува поднесувачот на преставката или Универзитетот законските права да ги бараат на Управен суд. Ова е елементарно законско непознавање на еден инспектор. Ова е законски пропуст на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска. Ова е елементарно непознавање на законската регулатива – НОНСЕН. Ова е незаконско, неетичен однос, несовесно работење и рушење интегритетот свој и на институцијата со одбегнување на законската работа на инспекторот. Под итно треба, надлежните институции да им ги одземат лиценците за работа! Од страна на Директорот на Државниот просветен инспекторат и Инспекцискиот совет нема никаква законска постапка. Трулеж на институција!
Кога сме до Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, дополнително ќе има правни разрешници од нејзиното незаконско работење (по анонмна преставка), како и за инспекторите Соња Зашовска и Зоран Димитриевиќ (не се знае дали е шофер или инспектор) за незаконски постапки при вонреден инспекциски надзор на Самостојната висока стручна школа „Бреинстер Некс“ – Скопје, како и за инспекторката Маја Стојановска (роднина на поранешниот директор Томе Спироски и блиска со Оливер Спасовски) за незаконска постапка на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, за нив поопширно и поконкретно ќе биде во некои од наредните колумни.
Од напред наведените примери за незаконските постапки на просветните инспектори при Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, а со непреземање на законските мерки согласно Законот за инспекциски надзор на Инспекцискиот совет и на Директорот на Државниот просветен инспекторат, како институции надлежни за законитост се директни соучесници на сите незаконитости.
Од ИС нема ниедна иницијатива за одземање на лиценца или разрешување на Директор на државните инспекторати кои се во рамките на министерствата. Ова е само доказ дека Инспекцискиот совет работи по свирката на Власта на ДУИ-СДСМ. Овој трулеж на власт треба да ја нема. СУРГУН!
Почитувани читатели
Во оваа колумна, го опфатив Инспекцискиот совет, само во областа образование и злоупотребите на службената должност, непочитување на законот и основните начела и влијанието на политиката во секој сегмент од посочените области. Вакви злоупотреби ги има и во другите области на Државните инспекторати при министерствата.
Почитувани читатели дали сум во право, самите процените, какви ни се инспекциските надзори во делот на здравството, екологијата, пазарните цени, работните односи, градежништвото, транспортот, земјоделтсвото… катастрофално.
Со право Н.Е. Агелер, американската амбасадорка во Република Македонија за ТВ21 ќе изјави:
„Корупцијата овде (се мисли во Македонија) има навлезено во сите општествени сектори, во сите гранки на владата“.
Затоа, новата Влада на Република Македонија, по осми мај по изборите треба да направи трансформација на сите Републички совети, како во судството, обвинителството и други совети и инспекторати и носење конкретна одговорност. Се’ во интерес на граѓаните за МОЈА МАКЕДОНИЈА! Ова мора да се случи!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес