Бројот на загинатите во земјотресот во Тајван достигна 13 лица

Бројот на загинатите во земјотресот што го зафати Тајван во средата достигна 13 лица, а стотици луѓе и натаму остануваат блокирани, јави ДПА, повикувајќи се на информациите од властите. Тие денеска соопштија дека е пронајдено уште едно тело во тешко погодениот национален парк Тароко на исток од островот.

Шест лица веќе се водат за исчезнати, а повредени се 1.145 лица.

Вчерашните податоци беа за 12 загинати и за 13 исчезнати лица.

Земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала, во средата ја погоди ретко населената област Хуалиен, во источниот дел на Тајван. Планинските патишта беа отсечени поради лизгање на земјиштето, оставајќи повеќе од 440 луѓе, туристи и локални жители, заглавени во националниот парк Тароко, познат по своите живописни глетки, но и нерамниот терен.