Германскиот извоз на стоки значително паднал во февруари, како одраз на намалените испораки до другите членки на Европската унија, објави во понеделникот заводот за статистика.
Вредноста на испорачаната стока е намалена во февруари за два отсто во однос на јануари кога беше зголемена за 6,3 отсто, покажуваат сезонски и календарски прилагодените податоци.
Увозот, пак, порасна за 3,2 отсто, речиси со исто темпо како и на почетокот на годината.
На годишно ниво, извозот во февруари е намален за 4,4 отсто, а увозот за 8,7 отсто.
Како резултат на тоа, суфицитот во германската трговска размена со светот е намален за 22,5 отсто во однос на јануари, лизгајќи се на 21,4 милијарди евра. Во однос на ланскиот февруари тој е поголем за 26,6 отсто.
Падот на извозот на месечна основа се одразува на значително намалените испораки до членките на ЕУ, за 3,9 отсто. Извозот во еврозоната е намален за 3,6 отсто, а уште поизразен пад е забележан кај испораките на стоки за членките на ЕУ кои не ја прифатија заедничката европска валута, за 3,9 отсто.
Извозот во трети земји е зголемен за скромни 0,4 отсто.
Во февруари, САД ја потврдија својата позиција како главна дестинација на германскиот извоз, чија вредност скокнала за 10,2 отсто во однос на јануари, на 13,8 милијарди евра.
Извозот во Кина е намален за 0,6 отсто, на осум милијарди евра. Истовремено, Кина го потврди статусот на главен снабдувач на стоки на Германија, чија вредност во февруари скокна за 16 отсто, на 12,1 милијарди евра.
Германскиот извоз во Русија се зголемил на месечно ниво за 1,5 отсто, на 700 милиони евра. Во однос на ланскиот февруари е намален за 24 отсто. Увозот од Русија се зголемил на месечно ниво за 23,5 отсто, на 200 милиони евра. На годишно ниво е намален за 36,2 отсто.