
Што ќе вети СДСМ во Брисел? Добро упатени дипломатски извори за „Денешен“ коментираат дека сите знаат оти е важна суштината, а суштината за влез во Европската унија е проблемот со името. Експертите коментираат дека социјалдемократите треба да кажат што ќе ветат во Брисел за името, кои се нивните позиции и јавно и директно да кажат што ќе направат за нашата земја да не е изолирана.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателкката на партијата Радмила Шекеринска денеска одржаа прва средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел, по застанувањето на двоецот на чело на апртијата.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во реакција на текст објавен вчера во медиумите, запраша дали „Никола Груевски има желба да ја држи во изолација и опозицијата како што ја држи во изолација Република Македонија”. Ваквата реакција од СДСМ пристигна откако медиумите објавија дека Заев и Шекеринска се повикани на рапорт во Брисел, каде од нив ќе биде побарано СДСМ да продолжи да прави притисоци на најразличен вид за името и да не поставува нерационални барања за Изборниот законик.
Познавачите коментираат дека ако со средби со Филе социјалдемократите сметаат дека Македонија нема да биде изолирана, тогаш актуелната влада која досега имаше над 50 средби со еврокомесарот за проширување, може слободно да ужива, зашто им го сруши аргументот на СДСМ со нивна теза, или со “нивни камен по нивна глава”.
Добро упатени дипломатски извори за Денешен коментираат дека сите знаат оти е важна суштината, а суштината за влез во Европската унија е проблемот со името .
„Ако СДСМ за изолација ги смета принципиелните ставови на владата за името, тогаш логично е дека за Македонија да не е изолирана тие сакаат да дадат гаранции на оваа тема, дека ќе попуштат пред грчките барања и земјава веќе нема да биде изолирани,“ велат дипломатски извори.
Експертите сметаат дека напуштањето на принципиелните ставови за името значи договор за негова промена. Политичкиот аналитичар Ристо Никовски неодамна изрази став дека ако самите прифатиме поинаку да нѐ нарекуваат, ништо нема да биде исто.
„Никој не може да нѐ прекрсти без нашата согласност. Но ако самите прифатиме поинаку да нѐ нарекуваат, ништо нема да биде исто. Ќе мора да ги смениме пасошите, да се стави новото име во сите меѓународни документи, производите нема да ни бидат македонски, ниту поштенските марки ќе ни важат. Ќе почнеме самите да се преименуваме. А ако нема македонски народ, оваа држава нема да биде потребна. Зар некому сѐ уште не му е јасно дека Атина не прифаќа постоење на Македонци надвор од Грција? Дека тие нема да се согласат со никакво решение што нема да води во прекрстување на нашиот народ? Тоа веќе отворено го говорат. Велат (Папуљас, Самарас…) дека не сме го узурпирале само името на државата, туку и на народот, јазикот… Што треба да ни кажат повеќе? Едноставно, тие сакаат монопол на брендот „Македонија” а тоа, да бидеме начисто, не може без придавките „македонски/а/о”. Сето тоа оди заедно. Има ли нешто спорно во сето ова? Нема! А ако е така, а така е, тогаш прифаќање на какво било име за меѓународно користење значи и откажување од сопствениот идентитет. Од тој миг, за светот „Македонци” ќе бидат тие што се измислени од Грција,“ смета Никовски.
Познавачите коментираат дека наместо да ги води ЕУ еуфоријата на Шекеринска и веднаш кога ќе се спомене евроинтеграција да не се внимава на елементарната логика на соопштенијата и тезите кои СДСМ ги испраќа во јавноста, најдобро е да си ги препрочитаат реакциите повеќе пати и повеќе луѓе, за да нема вакви дупки во тезите.
Според аналитичарите, овие ЕУ запаленковци кои сакаат да ја извадат од нивното сфаќање на изолација земјата чиј премиер имаше најмногу средби со странски државници во целата наша независност , треба да кажат што ке ветат во Брисел за името, кои се нивните позиции и јавно и директно да кажат што ќе направат за нашата земја да не е изолирана.