Пад на Волстрит, не попушта инфлацијата во САД

Цените на акциите паднаа на Волстрит во средата бидејќи инфлацијата во САД не стивнува, па веројатно е дека каматните стапки на американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) ќе останат покачени подолг период од очекуваното.

Индексот Dow Jones загуби 1,09 отсто, на 38.461 поен, додека S&P 500 се лизна за 0,95 отсто, на 5.160 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,84 отсто, на 16.170 индексни поени.

Вчера беше објавено дека потрошувачките цени во САД во март пораснале за 0,4 отсто на месечна основа, додека инфлацијата достигна 3,5 отсто на годишна основа, што е за 0,3 процентни поени повисока од февруари. Ова е повисок пораст на цената отколку што проценуваа аналитичарите, а стапката на базичната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, исто така, се зголемила повеќе од очекуваното.

Податоците покажуваат дека инфлацијата не се намалува во последните месеци и сѐ уште се движи далеку над целното ниво на Fed од околу 2 отсто.
Затоа, централната банка на САД нема причина да брза со намалување на каматните стапки.

По вчерашните податоци, надежите на инвеститорите дека Fed ќе ги намали каматните стапки на јунската сесија речиси целосно згаснаа. Мали се шансите процесот за намалување на каматите да започне во јули, па првото намалување на цената на парите сега се очекува во септември.

Прашањето е и колку пати Fed може да ги намали каматните стапки оваа година. Досега се очекуваше дека ќе биде трипати за по 0,25 процентни поени, но сѐ поизвесно е дека ќе има помалку кратења.

„Податоците за високата инфлација предизвикаа пад на цените на акциите. Не е во прашање само времето на првото намалување на каматните стапки, туку и колку пати Fed ќе ги намали каматните стапки оваа година“, вели Рајан Детрик, стратег во компанијата „Carson Group“.

А на повеќето европски берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,33 отсто, на 7.961 поен, а франкфуртски DAX за 0,11 отсто, на 18.097 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,05 отсто, на 8.045 поени.