Десант на украинските сили бил спречен со големи загуби на непријателот на локацијата Тендровската превлака во Херсонската област, пренесуваат во четвртокот руските медиуми повикувајќи се на руската разузнавачка агенција Федерална служба за безбедност (ФСБ)
Песочната превлака го дели заливот Тендрива од Црното Море и се наоѓа јужно и западно од заливот во Црното Море во југоисточниот регион на Украина, во делот кој е под контрола на руските сили.
„ФСБ заедно со Министерството за одбрана го спречи планираното од специјалните служби на Велика Британија истоварувањето на диверзантски групи на специјалните сили на украинската војска на Тендровската превлата во Херсонската област“, се наведува во соопштението на ФСБ и се додава дека припадниците на агенцијата ја спровеле оваа операција врз основа на собраните оперативни сознанија.
Притоа се нагласува дека во текот на судирот биле ликвидирани диверзантите и бил заробен висок офицер од 73-от поморски центар на Силите за специјални операции на украинската армија.
Заробеникот, кој руската служба го идентификува како извесен Евгениј Горин без да го наведе неговиот чин и позиција, рекол дека активностите на украинските Сили за специјални операции се планирани и надгледувани од Кралската морнаричка пешадија на Велија Британија (британскиот марински корпус Special boat service – SBS).
Тоа укажува на „директното вклучување на Велика Британија во конфликтот“, се предупредува во извештајот на руското ФСБ.
Се додава и дека украинскиот заробеник „детално ја опиша“ обуката за извршување на десантот во базата на оклопниот пешадиски баталјон 5 RIFLES, во чиј состав се 20-та бригада на 3-та „челична“ дивизија, единствената којашто е во состојба на постојана борбена готовност во Велика Британија, а се наоѓа во Булфорд Кемп, во англиската грофовија Вилтшир.
Во извештајот на ФСБ се нагласува дека украинските воен заробеници дале сведоштва за тоа како британските воени инструктори ги планирале извршувањата на саботажите на украинските специјални сили врз нафтената платформа кај Стормовој на Црното Море, кои се под руска контрола откако полуостровот Крим во 2014 година се присоедини на Русија, чија цел била да се заплени техничката опрема за следење на летовите на беспилотните летала на руската армија. Порано украинската армија објави дека имала успех во нападот врз оваа платформа, додека руската страна извести дека целта нападот бил одбиен. Во сегашното признание за овој напад, украинскиот офицер објаснил дека во текот на нападот врз платформата не била запленета руската опрема што ги интересирала Британците, туку била крената во воздух комуникациската станица лоцирана на платформата.
„Добиени се докази од еден украински специјалец, директен учесник на настаните за директното учеството на британските специјални сили (SBS) во акции насочени против безбедноста на Русија, како и во подготовката на територијата на Велика Британија на извршителите на саботажите“, се заклучува во соопштението.
Во вторникот Истражниот комитет (ИК) на Русија отвори кривично дело за вмешаност на функционери од земјите на НАТО и САД во финансирањето на тероризмот. Според ова соопштение, руските истражители утврдиле дека парите добиени преку комерцијални организации, особено преку во украинската енергетска компанија „Burisma Holdings“, во чијшто борд за милионски исплати по превратот во 2014 година беше Хантер Бајден иако без никакво знаење од областа, синот на актуелниот американски претседател Џо Бајден, биле користени во последниве години за извршување терористички напади во Русија и во странство, за елиминирање на истакнати политички и јавни личности од рускиот општествен живот и предизвикување економска штета.