Она што е наведено во извештајот на Фридом хаус е се она што ВМРО-ДПМНЕ во изминатите неколку години го говори во јавноста, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во своето вечерашно гостување во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24.
„За жал работите во државава се да буквално нема ниту еден кој може да каже дека еве од овој сегмент може да бидеме задоволни. Корупцијата цвета секаде од највисоко до најниско ниво, животниот стандард е на историско најлошо ниво, економската ситуација е исто така на најлошо можно ниво, слободата на медиумите исто така на најлошо ниво, здравство, образование без учебници, секој ден коруптивни скандали, секој ден случаи на се поголеми криминали и корупција и нормално дека ќе добиеме еден таков извештај“, истакна Јанушев.
Јанушев потенцираше дека владата на СДС и ДУИ потрошила два мандата, а има уништување на секо поле.
„Два цели мандати потрошија, државата ја задолжија дупло повеќе од тоа што беше кога дојдоа, буквално нема една работа да кажеме дека е подобро. Немаме клиничка болница, универзитетската болница во Штип е оставена таква каква што е руинирана, немаме 1км нов автопат, девастација на секое едно поле“, вели Јанушев.
Во однос на коалициските капацитети, Јанушев посочи дека СДС нема коалициски капацитет, бидејќи прифаќаат се што ќе им кажат, како и дека ДУИ е партијата која ја води државата.
„СДС нема коалициски капацитет, СДС нема кичма, прифаќаат се само за да дојде на власт. СДС не е партијата која ја води државата, туку ДУИ е партијата која ја води државата“, вели Јанушев.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ по завршувањето на изборите ќе има толку голема разлика на пратеници.
„ВМРО-ДПМНЕ по завршување на изборите ќе има толку голема разлика на пратеници да не е прашањето дали ние имаме коалициски капацитет туку прашањето ќе е дали ние сакаме со одредени партии да коалицираме или не“, потенцираше Јанушев.