Германската полиција растури пропалестински митинг во Берлин

Германската полиција во петокот го растури пропалестинскиот митинг во главниот град Берлин и им нареди на околу 250 учесници да го напуштат местото само два часа по неговото започнување.

Полицајците најпрво интервенирале поради активист кој се обратил со видео, а нему му било забрането политичко дејствување во Германија поради наводен говор на омраза кон Израел и Евреите. Кога мажот прозборувал, полицијата го прекинала преносот и привремено ја исклучила струјата на местото на одржување на „Палестинскиот конгрес“ организиран од различни пропалестински групи.

Полицијата набрзо потоа решила да го прекине целиот настан – не само во петокот, туку и во сабота и недела. Портпаролот на полицијата изјави дека тие ја донеле одлуката, бидејќи виделе ризик „на настанот да се повторат вакви антисемитски говори во кои се величи насилството и се негира холокаустот“.

Политичарите, меѓу кои и градоначалникот на Берлин, Каи Вегенер, како и полицијата пред почетокот на собирот најавија дека ќе преземат строги мерки доколку на собирот има антисемитски изјави.

Организаторите на собирот ја осудија израелската воена офанзива во Појасот Газа и ја критикуваа поддршката на Берлин за израелската влада.

„Заедно, со гласовите на палестинското движење и меѓународната заедница, ќе го осудиме израелскиот апартхејд и геноцид. Ја обвинуваме Германија за соучесништво“, се вели на веб-страницата на организаторот.