Израел внимателно разгледува одговор на нападот на Иран, Техеран испраќа предупредувања

Израел внимателно ги одмерува своите чекори по масивниот одмазнички напад од Иран, изјави министерот за надворешни работи Израел Кац во интервју за радио станицата на израелската армија, како ирански официјални лица го предупредуваат да не возвраќа.

„Рековме: Ако Иран го нападне Израел, ние ќе го нападнеме Иран. И таа обврска сè уште стои“, рече Кац.

Сепак, тој рече дека за конкретното прашање за можен одговор ќе се разговара во соодветна рамка под претседателство на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Кац изрази уверување дека таму ќе се донесат „соодветни и правилни одлуки“.

Израелската телевизија Channel 12 и другите медиуми напладне објавија дека воениот кабинет ќе се состане во 15,30 часот по локално време за да разговара за следните чекори.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во неделата оцени дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRCG) му „одржал лекција“ на најголемиот непријател на земјата, Израел.

„Казната на агресорите, која беше искрено ветување на моќниот и мудар лидер на Исламската револуција, се оствари“, рече Раиси во соопштението од претседателскиот кабинет.

Раиси ги предупреди сојузниците на Израел да не планираат контранапади: „Ги советуваме поддржувачите на окупацискиот режим да ја ценат оваа одговорна и пропорционална акција на Исламската Република Иран“.

Предупреди дека реакцијата на неговата земја ќе биде „посилна“ во случај на „непромислено однесување“ од страна на Израел, по невидениот напад на Иран во текот на ноќта.

„Доколку ционистичкиот режим или неговите поддржувачи“ покажат „непромислено однесување, ќе добијат порешителен и многу посилен одговор“, рече тој.

Иранското Министерство за надворешни работи ги повика во неделата амбасадорите на Обединетото Кралство, Франција и Германија да го преиспитаат нивниот „неодговорен однос“ во врска со одмаздничките напади на Техеран врз Израел, објави иранска полуофицијална новинска агенција IRIB.

Трите европски земји го осудија иранскиот напад со беспилотни летатал и ракети врз Израел, кој траеше во текот на ноќта од саботата кон неделата и беше одмазда за израелското бомбардирање на иранската амбасада во сириската престолнина Дамаск на 1 април во кое беа убиени меѓу другите и восоки ирански офицери воени советници во Сирија.

Директорот за Западна Европа во иранското Министерство за надворешни работи ги обвини трите земји за „двојни стандарди“ затоа што се спротивставија на рускиот нацрт на изјавата на Советот за безбедност на ОН претходно овој месец, со која се осудува нападот на Израел врз комплексот на иранската амбасада во Сирија.

„Воената акција на Иран против базите на ционистичкиот режим (Израел) е во рамките на правото на самоодбрана според член 51 од Повелбата на Обединетите нации и е одговор на низа злосторства, вклучително и неодамнешниот напад врз конзуларниот комплекс во Сирија“, додаде официјалниот претставник.

Г7, која ги вклучува Франција, Германија и Обединетото Кралство, се очекува да одржи видео-конференција подоцна во неделата за да разговара за неодамнешниот напад на Иран.