Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Соединетите држави нема да учествуваат во каква и да е израелски одмазнички удар против Иран, изјави во неделата официјален претставник на Белата куќа.
Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта како одговор на израелскиот напад врз иранската амбасада во сириската престолнина Дамаск на 1. април кога беа убиени шест високи офицери на иранските сили.
Во изјавата објавена доцна во саботата по нападот, Бајден рече дека му рекол на Нетанјаху дека Израел „покажал извонредна способност да се брани и да порази дури и напад без преседан“. Бајден тогаш не кажа во изјавата дали тој и Нетанјаху разговарале за можен израелски одговор или потенцијална вмешаност на САД.
САД не сакаат ниту „ескалација“ ниту „поширока војна со Иран“, изјави во неделата портпаролот на Белата куќа.
„Претседателот Џо Бајден беше јасен: не сакаме ескалација. Не сакаме поширока војна со Иран. Мислам дека часовите и деновите што претстојат ќе ни кажат многу“, изјави Џон Кирби за телевизиската мрежа NBC News.
„Јасно им ставивме до знаење на сите страни, вклучително и на Иран, што ќе правиме (…) и колку сериозно ќе ја сфатиме секоја закана за нашиот персонал“ распореден на Блискиот исток, додаде Кирби.
Кирби додаде дека САД „ќе останат будни и претпазливи“ во врска со какви и да се ирански закани против американските војници.
Бајден во саботата вечерта изјави дека американските сили биле вклучени во уништувањето на „речиси сите“ беспилотни летала и ракети истрелани од Иран врз Израел, додавајќи дека ја потврдил својата „непоколеблива“ поддршка за премиерот Нетанјаху.
Бајден и Нетанјаху имаа несогласувања последните седмици околу веќе повеќе од шестмесечната војна во Појасот Газа, палестинска енклава која се соочува со страшна хуманитарна ситуација и закана од глад.
„Продолжуваме да работиме со него, да го советуваме“, рече Кирби и повтори дека САД „ќе продолжат да им помагаат на Израелците да се бранат“.