Изборот е меѓу Македонија повторно горда или каква што ја сакаат ДУИ и измеќарите од СДСМ

-Го слушнавте вчера Артан Груби на едно интервју, го пушти низ вода Бујар Османи така лесно, дека нема да влезе во втор круг, па вели дека секој кој сака да ја добие поддршката од ДУИ за втор круг, мора да се согласи да се бира претседател во парламентот. Значи, не да го бирате вие, суверенот на народот, граѓаните, од каде потекнува легитимитетот, тие сакаат неколкумина. Така се навикнати во Речица во седиштето, неколкумина да седнат и да речат, ти ќе ја купиш Соравија, ти ќе возиш Бентли, ти Ролс Ројс, ти ќе имаш фирма за ова, ти ќе увезуваш јаглен, ќе направиш фирма и ќе увезуваш јаглен. Тие така се навикнати. Не знаат да го прашаат народот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Петровец.

Тој потенцираше дека овие луѓе со ваков начин на размислување, продавајќи романтични националистички приказни, повеќе од 20 години се богатат на грбот на народот.

„Ова го кажувам само да посветам внимание на овие измамници кои над 20 години со националистички приказни и реторики се збогатија и станаа милионери на грбот на народот и тука нема етничка припадност. На грбот на сиот народ во Македонија, по принципот „Како до сега“. Тоа е принцип по кој повеќе од две децении владее ДУИ во владите со различни политички партии коишто се дел од таа влада, истакна Мицкоски и додаде:

„Тој принцип „како до сега е отвори денес фирма, утре донеси јаглен, ќе ти го платат од Буџетот по трипати повисока цена ќе вратиш кај нас пола од профитот. Тоа е принципот „Како до сега““.

Мицкоски истакна дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ сигурно е дека нема да биде како до сега, а тие што се погрешиле пред народот и пред законите ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе одговараат за сите злодела коишто му ги нанесоа на народот на Македонија.

Тој исто така додаде дека изборот на овие избори е меѓу тоа Македонија да биде повторно горда или Македонија каква што ја сакаат ДУИ и измеќарите од СДСМ.

„Изборот е меѓу тоа Македонија да биде повторно горда, да биде достојна, да биде Македонија твоја, ваша или пак да биде Македонија засрамена, понижена, ограбена. Тоа е изборот. Ве молам немојте да наседнувате на реториката на власта која што сака да ви ја наметне дека тие биле за ЕУ, Европски фронт, а ние сме биле против ЕУ. Тоа не постои. Изборот е или Македонија ваква каква што си ја сакаат огромно мнозинство граѓани или Македонија онаква каква што ја сакаат овие неколкумина од ДУИ и измеќарите од СДСМ“, дециден е Мицкоски.