Макрон, Шолц и Камерон го повикаа Израел да избегне натамошна ескалација на конфликтот

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон во понеделникот го повикаа Израел да избегне натамошна ескалација на конфликтот со Иран, пренесоа светските агенции.

Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти.

„Сите сме загрижени за можна ескалација. Ситуацијата денес е многу нестабилна“, изјави Макрон за телевизискиот канал TVBFM и радиото RMC.

Макрон додаде дека ќе се обиде да преговара за прекин на огнот во текот на Летните олимписки игри во Париз, во согласност со целта на игрите за промовирање мир преку спортот.

„Начинот на кој Израел успеа со меѓународните партнери и оние на сцената да го одбие тој напад е навистина импресивен… Тоа е успех што не треба да се троши и затоа ги советуваме да придонесат за деескалација“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во текот на посетата на Кина.

За време на видео-конференцијата на лидерите на Г7 во неделата, „Можам да ви кажам дека нашата проценка за ситуацијата беше идентична. И нашиот апел е многу јасен: Иран мора да ја запре оваа агресија“, рече Шолц кој во неделата ја започна тридневната посета на Кина.

Камерон го повика Израел да не одговара на иранскиот напад и го советуваше „да размислува со глава и со срце“, бидејќи иранскиот напад беше речиси целосен неуспех. Нагласи дека го повикал Израел да не ги ескалира тензиите на Блискиот исток.

„На многу начини тоа беше двоен пораз за Иран. Нападот беше речиси целосен неуспех и тие му покажаа на светот дека злобното влијание во регионот е подготвено да го стори тоа. Затоа се надеваме дека нема да има одмазднички одговор“, рече Камерон за Sky News.