Вработените во Македонија во просек работат за околу 4 евра на час, додека функционерите и директорите со плати од 2000 евра земаат 12,5 евра за час работа.
Освен што се платени речиси три пати помалку од функционерите, вработените во земјава имаат и осум пати помали плати во споредба со работницит во Европа, објави ТВ 21.
Според податоците на европскиот статистички завод, „Евростат“, односот меѓу платите и социјалните придонеси што ги плаќа работодавачот, варира од 31,8 евра во целата Европска унија и 35,6 евра во еврозоната. Сепак, овој просек покрива многу значајни празнини меѓу земјите-членки на ЕУ, при што трошоците за работна сила за час се движат од 9,3 евра во Бугарија, 11 евра во Романија и 12,8 евра во Унгарија, 41 евро во Германија и до 47 и 48 евра во Белгија и Данска. Повеќе се плаќа околу 54 евра во Луксембург.
Во Хрватска еден час работа се плаќа 14,4 евра, во Словенија 25,5 евра, во Грција – 15,7 евра, во Италија близу 30 евра.
Во однос на продуктивноста и конкурентноста, Македонија ќе има сериозни пречки доколку утре треба да излезе на заедничкиот пазар. Во однос на конкурентноста ние сме на 82 место од вкупно 141 земја.
Проблемот со покачувањето на платите во земјава е доста сложен и зависи од многу фактори.
Стопанската комора на северо-западна Македонија предложи минималната плата во приватниот сектор да биде 30.000 денари, но придонесите да се намалат од 52 на 32 отсто, за да се зголеми конкурентноста на локалната економија.
Експертите оценуваат дека големата разлика во платите јасно покажува дека на Македонија и треба итно забрзан процес за членство во Европската унија, бидејќи зголемувањето на саатницата и подобрувањето на работните услови се од суштинско значење за да се спречи масовното заминување на работниците во потрага по најдобро вработување во странство.