САД дале гаранции на британскиот суд за екстрадиција на Асанж

Соединетите држави дадоа гаранции побарани од Високиот суд во Лондон, кои конечно би можеле да го отворат патот за екстрадиција на основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанж од Велика Британија.

Високиот суд во март пресуди дека, без одредени американски гаранции, на 52-годишниот Асанж ќе му биде дозволено да поднесе нова жалба за екстрадиција до Соединетите држави поради објавувањето на доверливите американски воени информации и дипломатски телеграми од страна на WikiLekas.

Тие гаранции, дека тој може да се потпре на правото на слобода на говор со првиот амандман од американскиот Устав на неговото судење во САД и дека нема да има нови обвиненија што би можеле да доведат до смртна казна, беа дадени во рокот што истече во вторник.

Во документот, во кој увид имала агенцијата Reuters, се наведува дека Асанж ќе може да се потпре на заштитата од Првиот амандман и се наведува дека „смртната казна нема да се бара ниту да се изрече“. „Овие гаранции се обврзувачки за сите поединци сега или во иднина на кои им е доделено овластување да одлучуваат за овие прашања“, се вели во извештајот.

Новото судско рочиште ќе се одржи во Лондон на 20-ти мај, но адвокатите на Асанж претходно ги опишаа американските гаранции дадени во други случаи како оние „коишто не вредат ниту колку хартијата на која се напишани“, повторувајќи ги сличните критики од групата за човекови права Amnesty International.

Сопругата на Асанж, Стела, со која тој се ожени во лондонски затвор, рече дека гаранциите не ја намалуваат нивната загриженост, опишувајќи ги како „бесрамни измами“. „САД издадоа налог кој не е поврзан со Првиот амандман и стандарден налог поврзан со смртната казна“, рече сопругата.

„Дипломатската нота ннути малку не ја ублажува крајната загриженсот на нашето семејство за неговата иднина – неговото мрачно очекување дека ќе го помине остатокот од својот живот во изолација во американски затвор поради објавување наградувано новинарство“, се вели во писмената изјава на Стела Асанж.

Досега американското Министерство за правда или Врховниот суд не се огласија со коментар на барањата на бројните медиуми.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата седмица узјави дека го разгледува барањето на Австралија да се откаже од гонењето, што американскиот адвокат на Асанж го опиша како „охрабрувачки“. Не е јасно какво влијание би можел да има Бајден врз кривичното дело, но весникот The Wall Street Journal објави дека се водат дискусии за потенцијален договор за признавање вина.

„Администрацијата на Бајден мора да се откаже од овој опасен кривичен прогон пред да биде предоцна“, рече Стела Асанж.

Американските обвинители го бараат 52-годишниот Асанж по обвиненијата поврзани со објавувањето стотици илјади доверливи американски воени досиеја и дипломатска кореспонденција од страна на WikiLeaks. Тие тврдат дека нивното објавување наводно ги загрозило животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговото злосторство. Американските обвинители бараат екстрадиција за да му судат на Асанж по 18 точки од обвинението, од кои сите освен една спаѓаат во Законот за шпионажа.

Поддржувачите на Асанж, пак, го слават како новинарски херој, чие кривично гонење е политички мотивирано, односно се прогонува за разоткривање на американските воени злосторства на боиштата посебно на Блискиот исток. Но, исто така, илјадниците тајни дипломатски преписки открија како Вашигнтон ги исмева и омаловажува политичарите од другите земји во светот, вклучително и традиционално најблиските сојузници.

Во февруари, адвокатите на Асанж побараа шанса да ја оспорат согласноста на Велика Британија за негова екстрадиција во САД, тврдејќи дека неговото гонење е политички мотивирано. Во пресудата, двајцата судии рекоа дека постои реална можност за успешна жалба против екстрадицијата на Асанж по повеќе основи.