Околу 18.000 домови и денеска се под вода, во големите поплави во Русија, откако нивото на реката Тобол, во близина на границата со Казахстан, се закани да се зголеми до рекордно ниво, јави ДПА.
Од вчера се поплавени уште 1.700 куќи, јавија руските државни медиуми, повикувајќи се на властите, додавајќи дека во последните неколку дена се евакуирани илјадници лица.
Регионот Оренбург, јужно од планината Урал, и регионот Курган, во Сибир, се најпогодени од катастрофалните поплави во близина на нејзината јужна граница со Казахстан, потсетува германската агенција.
Во градот Курган, нивото на реката Тобол за само еден ден се крена за 1,5 метар.
-Курган се подготвува за рекордно ниво на поплави, рече министерот за вонредни ситуации Александар Куренков.
Нивото на водата се зголемува и во блискиот регион Тјумен, во Сибир, додаде Куренков.
Околу 94 села, во кои живеат 34.000 жители, се во опасност да бидат поплавени. Властите денеска во Тјуман, на безбедно, донесоа 1.500 лица.
Русија се бори со невообичаено тешки сезонски поплави по снежната зима и обилните врнежи, потсетува ДПА.