Повторувањето на натпреварите во случај доколку првиот заврши со нерешен резултат ќе биде укинато од следната сезона во најстарото фудбалско натпреварување на светот ФА Купот, објави во четвртокот англиската фудбалска асоцијација (ФА).
Во оваа сезона ова правило важеше за сите натпревари од петтото коло па натаму, додека од сезоната 2024/2025 ќе се применува уште од првиот круг. Ова е резултат од новиот шестгодишен договор меѓу Англиската фудбалска асоцијација и Премиер лигата.
ФА соопшти дека целосното укинување на повторувањата на натпреварите со нерешен исход е иницирано и со „промени во календарот, поради проширување на натпреварувањата под покровителство на УЕФА“.
Од 2021 година во календарот е воведена и Конференциската лига, а од следната сезона во групната фаза од Лигата на шампионите ќе играат 36 клубови, четири повеќе од досега. Во исто време, ФИФА лансира проширена верзија на Светското клупско првенство од 2025 година, во кое ќе учествуваат 32 клуба.
Англиските тимови од пониско ниво, оние кои се натпреваруваат во квалификациите за првото коло на ФА Купот, сепак ќе играат уште еден меч во случај на нерешен резултат.
Од третото коло во натпреварувањето ќе учествуваат клубови од Чемпионшип и од Премиер лигата, а новина е што ќе се избегнуваат судири со термините на првенствените натпревари. Така, за натпреварите од четвертото коло ќе биде оставен поголем простор, од петок па сѐ до следната среда.
Според постигнатиот договор, финалето на ФА Купот ќе се игра во претпоследната седмица од сезоната во Премиер лигата, а терминот на натпреварот ќе биде в сабота. На тој ден, како и ден претходно (петок) на календарот нема да има натпревари од Премиер лигата, за дуелот за трофејот да добие истакнато место во медиумите.
„Новиот договор меѓу ФА и Премиер лигата го зајакнува ФА Купот и му дава на овој многу посебен турнир ексклузивен викенд, и покрај се попреполниот календар“, изјави Марк Булингем, главниот оперативен директор на Англискиот фудбалски сојуз.