Верстапен најбрз и во квалификациите во Шангај

Трикратниот светски шампион Макс Верстапен ја освои 100-та пол-позиција на Ред Бул во Формула 1, откако доминираше на квалификациите за Големата награда на Кина во Шангај во саботата.

Холандскиот возач сезонава победи во квалификациите по петти пат на пет трки, всушност има серија од шест по ред, вклучувајќи го и минатогодишното финале во Абу Даби. Ова е 37-ми пат 26-годишникот да стартува од предниот дел на поредокот и првпат во Кина, каде сѐ уште нема освоено Гран При. Холанѓанецот пред неколку часа претходно победи на спринтерската трка во Шангај, освојувајќи нови осум бодови во генералниот пласман.

Неговиот мексикански тимски колега Серхио Перез се квалификуваше како втор најбрз во првиот ред за Ред Бул, додека Фернандо Алонсо од Астон Мартин и Ландо Норис од Мекларен се во вториот ред.

Седумкратниот светски шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон, втор во утринскиот спринт, беше елиминиран во првата фаза од квалификациите и ќе трката ќе ја започне од 18-та позиција.

Трката за Големата награда на Кина се вози во недела во 9 часот по средноевропско време.