Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Шпанија во саботата, како вовед во неделниот голем протест против „израелскиот геноцид во Палестина“, барајќи од премиерот Педро Санчез да воведе санкции кон Израел.
„Нетанјаху убиец, Бајден убиец“ извикуваа граѓамните кои маршираа во населбата Ваљекас во Мадрид носејќи палестински знамиња. „Палестина ќе победи“, гласеше транспарентот на чело на поворката.
Демонстрантите се огорчени од поддршката на Европската унија и САД за Израел, чија армија уби 34.000 палестински цивили, од кои најмалку третина се деца, во палестинската енклава Појасот Газа и стотици на окупираниот Западен брег во текот на шест месеци. Израел го отфрла мировното решение кое вклучува палестинска независност, а САД во четвртокот ги блокираа во Обединетите нации барањето Палестина да стане полноправна членка на светската организација.
Во Барселона, неколку илјади луѓе побараа од шпанскиот премиер Педро Санчез да воведе санкции кон Израел. Претходно месецов израелската армија нападна хуманитарен конвој на шпанската организација „World Central Kitchen“, убивајќи шест нејзини странски вработени додека тие доставувале храна за прегладнетото население во Газа.
„Не може да се соработува со држави кои ги кршат човековите права. Израел ја врши окупацијата неказнето затоа што има криминална поддршка од САД и ЕУ“, рече во своето обраќање до медиумите Лаја Естрада, кандидат на левичарската партија CUP на изборите што ќе се одржат во Каталонија следниот месец.
Левичарската партија Сумар, коалициониот партнер на Санчез во шпанската влада, го повика премиерот „да ги послуша барањата на мобилизираното граѓанско општество“.
Во северниот град Логроња, Мрежата на солидарност против окупацијата на Палестина (RESCOP) побара од Санчез уште посилно да инсистира на постојан прекин на огнот во Појасот Газа.
Во последните седмици Шпанија, Белгија, Ирска, Словенија и Малта јавно ја изразија својата намера да ја признаат Палестина како дел од мировниот договор со две признати соседни држави, Израел и Палестина, но на тоа се спротивставуваат земји како Германија и Чешка, така што нема унифициран став во рамките на ЕУ.
Обединетите нации уште поодамна предложија решение за две држави во границите од 1967 година, чија имплементација е спречена со систематската изградба на илегални израелски населби на Западниот брег, потсети шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел минатата седмица во интервју за шпанската јавна телевизија TVE.
„Додека гледаме што се случува во Појасот Газа, не смееме да го изгубиме од вид она што се случува на Западниот брег, каде што секојдневните израелски доселеници вршат насилство врз Палестинците кои живеат таму. Тие ги уништуваат нивните домови и ги иселуваат од нивната земја“, рече Борел.
Демонстрантите во Шпанија се незадоволни бидејќи ЕУ минатата седмица ги заостри санкциите кон Иран поради испраќање дронови во Израел, но не воведе никакви санкции за Израел „кој прв ја нападна иранската амбасада во Сирија“.
„Нема да молчиме, ниту ќе застанеме“, изјави Фарес Кадер, палестински демонстрант во Логроња, за новинската агенција EFE.
За недела се најавени протести во 80 градови низ Шпанија под слоганот „Стоп за геноцидот во Палестина“.