![Federalni Rezervi Fed](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/03/Federalni-Rezervi-Fed.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
На светските берзи цените на акциите паднаа и минатата седмица, третпат по ред, бидејќи сѐ појасно е дека поради зголемената инфлација во САД, американската централна банка нема да ги намали каматните стапки толку брзо како што се надеваа инвеститорите. .
На Волстрит, Dow Jones зајакна 0,01 отсто, на 37.986 поени, но S&P 500 потона за 3,05 отсто, на 4.967 поени, а индексот Nasdaq за 5,5 отсто, на 15.282 поени. Најголемиот неделен пад на S&P 500 и на Nasdaq индексот за повеќе од една година во голема мера се должи на стивнатите надежи за каматните стапки во САД.
Во претходните пет месеци, најголемата светска берза силно порасна бидејќи инвеститорите очекуваа Fed агресивно да ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни. Сепак, сѐ појасно е дека централната банка нема да брза со намалување на каматните стапки, бидејќи пазарот на трудот е сè уште силен, економијата расте, а инфлацијата е сè уште покачена.
Затоа претставници на Fed велат дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки. Претседателот на Fed, Џером Пауел, меѓу другото, рече дека оваа година не е постигнат напредок во намалувањето на инфлацијата и дека монетарната политика може да остане рестриктивна подолг период. Затоа, сега на пазарот на пари се проценува дека има само 15 отсто шанси за намалување на каматната стапка на Fed во јуни, а околу 42 отсто во јули.
„Пазарот се занимава со неколку работи – инфлацијата е повисока од очекуваното, така што каматните стапки би можеле да останат покачени подолго од проценетото. Покрај тоа, се зголемија и геополитичките тензии, особено на Блискиот исток. Сево ова се изговори за трговците да повлечат дел од својот профит од пазарот, по навистина силен раст на цените на акциите за пет месеци“, вели Ентони Саглимбене, стратег во компанијата „Ameriprise Financial“.
Под притисок се и индексите поради солидните, но не силни, квартални деловни резултати на компаниите и банките.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Лондонскиот FTSE индекс се лизна за 1,3 отсто, на 7.895 поени, а франкфуртскиот DAX 1,1 отсто, на 17.737 поени. Парискиот CAC зајакна, пак, за 0,1 отсто, на 8.022 поени.