Во Газа спасено бебе извадено од мајката убиена во израелски напад

Девојченце е родено во неделата по итен царски рез на нејзината мајка, која беше убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа, каде изминатата ноќ во тешки напади беа убиени 19 лица, главно деца, пренесува Reuters повикувајќи се на соопштениет на палестинските здравствени власти во енклавата

Покрај мајката на Сабрин ал-Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината сестра, а локалните власти соопштија дека во две куќи во Рафах биле убиени и 13 деца од исто семејство.

Бебето е тешко 1,4 кг, родено во триесеттата седмица од бременоста на нејзината мајка, моментално е стабилно и нејзината состојба постепено се подобрува, изјави лекарот Мохамед Салама, кој го направил царскиот рез и се грижи за неа.

Девојчето веднаш било сместено во инкубатор во болницата во Рафах заедно со уште едно бебе. На завојот што медицинскиот персонал го завитка околу нејзините кревки гради пишува „Бебе маченик Сабрин ал-Сакани“.

Помладата ќерка на ал-Сакани, Малак, која исто така е убиена во нападот, сакала да ја именува својата сестра Роух, што на арапски значи „дух“, рече нејзиниот вујко Рами aл-Шеик, додавајќи дека Малак со нетрпение го очекувала раѓањето на нејзината сестра.

Бебето ќе остане во болница три до четири седмици, изјави доктор Салама. „Потоа, ќе видиме дали е подготвена да ја напушти болницата и каде ќе оди. Дали за неа ќе се грижат нејзината тетка и вујко, вујко или баба и дедо. Ова е најголемата трагедија. Дури и да преживее ова дете, тоа е родено како сирак“, рече тој.

Според палестинските здравствени власти, во нападот на куќата на семејството Абдел Аал загинале тринаесет деца. Во истиот напад биле убиени и две жени.

На прашањето за жртвите во Рафах, портпаролот на израелската армија одговори дека цел биле различни воени цели во Газа, како воени комплекси, лансирни рампи и вооружени лица.

„Дали видовте мажи меѓу убиените? Сите тоа се жени и деца, целиот живот ми е избришан со смртта на мојата сопруга, децата, сите…“, ги праша Сакр Абдел Ал, Палестинец чие семејство било, новинарите додека тагуваше по телото на детето завиткано во бело платно.

Мохамад ал-Бехаири рече дека неговата ќерка и внук сѐ уште се под урнатините. „Тука се чувствата на тага и депресија, немаме за што повеќе да плачеме во овој живот. Кога ги губите сопствените деца, кога ги губите вашите најблиски, што можете да чувствувате?“, рече тој.