Искршена пратеничката канцеларија на Лефков во Кочани

Пратеникот Миле Лефков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција кажа е разбиена неговата пратеничка канцеларија за средби со граѓани во Кочани што, како што кажа, се случува на последниот ден од кампањата за претседателските избори.

Говорејќи од пред полициската станица во Кочани, Лефков се обрати до дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, кој денеска беше во посета на оваа станица, прашувајќи дали со тоа што не ставил потпис за кадровски измени во ОВР Кочани било со цел, како што рече, да се сее страв пред стартот на изборите.

„Дали со тоа што техничката влада чијашто единствена улога е да обезбеди фер и демократски предуслови за спроведување на избори, ги спречи кадровските промени овде во Кочани и тоа што Бојмацалиев не дозволи со неговиот врзан потпис да се направат кадровски измени беше токму со оваа цел, а тоа е во Кочани да дивее разбојништвото, да дивеат провалниците, да се сее страв пред почетокот на изборите. Дали провалувањето на канцеларијата на пратеникот, напад врз институциите во Кочани, е начинот на кој техничката влада, па и нивниот претставник Бојмацалиев ги обезбедува условите (за фер и демократски избори н.з.)“,рече Лефков на денешната прес-конференција.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги повика техничкиот премиер и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи брзо ги откријат сторителите кои пробиле во неговата пратеничка канцеларија оценувајќи оти методите со закани, провалништва и внес на несигурност кај граѓаните се минато и не поминуваат.