Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот ноќта во Њујорк ги повика постојаните членки на Обединетите нации да ја отфрлат предложената резолуција за геноцид во Сребреница, која се очекува да биде усвоена во мај.
На приемот организиран од Постојаната мисија на Србија во ОН за постојаните претставници на земјите членки на светската организација, Вучиќ оцени дека усвојувањето на резолуцијата за Сребреница ќе го продлабочи јазот и ќе доведе до нови тензии на западен Балкан и ги повика членките на светската организација да гласа против.
„Оваа резолуција не само што нема да доведе до мир и нема да ги залечи раните од минатото, туку ќе го продлабочи јазот меѓу народите и ќе доведе до нови тензии на западен Балкан. Затоа бараме оваа резолуција да биде повлечена, а доколку не биде така, ги повикуваме земјите-членки да гласаат против“, рече Вучиќ.
Изјави дека процесот на подготовка на нацрт-резолуцијата траел шест месеци „тајно“, за што никој во Србија не бил информиран.
Вучиќ додаде дека резолуцијата е подготвена со целосно игнорирање на Србите во Босна и Херцеговина, институциите на таа земја, нејзиниот устав и закони и дека ги дели народите на таа земја, со противење на легитимните претставници на Србите и игнорирање на институциите, законите и Уставот на БиХ.
Вучиќ истакна дека Србија постојано ги осудува „страшните злосторства во Сребреница“ и дека двајцата претседатели на Србија – претходно Борис Тадиќ и самиот тој – го сториле тоа, посетувајќи ја Сребреница и оддавајќи почит на жртвите, додека во 2010 година српскиот парламент усвои декларација осудувајќи го злосторството во Сребреница.
Вучиќ останува на ставот дека предлог-резолуцијата е насочена кон одговорност само на една страна во судирот во 1990-те години во Босна и Херцеговина.
Соединетите држави ѝ порачаа на Србија во саботата, по повод предлогот за резолуција за геноцид во Сребреница, што се очекува да биде усвоена во ОН, дека е „неопходно да се соочиме со вистината“, во која Вашингтон ќе му помогне на Белград како партнер.
Делегацијата на Европската унија во Сараево пред два дена објави дека решително ги отфрла обидите за негирање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година и бара од политичарите во БиХ да престанат да го прават тоа.
Белград е загрижен бидејќи смета дека станува збор дека Западот предводен од САД сака да го обвини целиот срспки народ, и предупредува дека Западот избегна ова прашање да го постави во Советот за безбедност на ОН, каде може да биде ставено вето од Русија или Кина, и се надева дека во Генералното собрание ќе ја добие наклонетоста на муслиманските земји.
Реагирајќи на акциите на политичарите и властите во Република Српска, кои оваа седмица ја интензивираа кампањата насочена кон оспорување на геноцидот во Сребреница, како и наводната бројка од над осум илјади бошњачки жртви кои биле убиени од припадниците на војската и полицијата на босанските Срби во 1995 година, Делегацијата на ЕУ истакна дека го осудува постојаното негирање на фактите за геноцидот во Сребреница.
ЕУ предупреди дека геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница не е прашање на нечија лична проценка и гледна точка, туку дека „тоа е историски факт утврден во судските постапки пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2004 година и Меѓународниот суд на правдата во 2007 година.
Вучиќ претходно на седницата на Советот за безбедност на ОН, посветена на шестмесечниот извештај на мисијата на УНМИК во поранешната јужна српска покраиа Косово и Метохија, рече дека прогонот и етничкото чистење на Србите продолжуваат, набројувајќи го бројот на притворени, убиени или ранети српски граѓани и деца, како и инциденти со физичко насилство.
Косовската претседателка Вјоса Османи ги покани меѓународните претставници да го посетат Косово за да се утврди кој ја кажува вистината и рече дека тврдењата на Србија за наводниот прогон на Србите се „лажни, неосновани и политички мотивирани“.
Шефот на мисијата на УНМИК, Каролин Зиаде, претходно во својот извештај изјави дека во 2023 година биле направени многу „чекори на назадување во воспоставувањето доверба меѓу етничките заедници“ и предложила да се смири запаливата реторика во двете насоки. Таа нагласи дека е неопходна фундаментална истрага на фактите во врска со инцидентот во селото Бањска на северот на Косово на 24 септември, кога еден полицаец загина во експлозија на подметната бомба а тројца Срби беа убиени во судир меѓу паравоената единица на косовските Срби и косовската полиција. Белград тврди дека тројцата Срби не биле убиени во престрелка, туку ладнорквно егзекутирани откако биле ранeти или заробени.
Вучиќ рече дека Белград „ќе ја заврши работата“ поврзана со истрагата за вооружениот конфликт во Бањска.
Српскиот претседател предупреди дека албанските власти во Приштина вршат етничко чистење од оние кои тврдат дека демократијата им е единствена цел и дека до пред две години на Косово имало повеќе од 7,5 отсто Срби, додека сега самата Вјоса Османи вели дека има меѓу три и четири проценти од нив.
„Ова е големо признание за нив и достигнување на нивната голема политика, бидејќи и пред две години на Косово и Метохија живееја повеќе од 7,5 отсто Срби“, рече Вучиќ на крајот од седницата.