Кина ќе биде домаќин на состанок на претставници на палестинското радикално движење Хамас и ривалското движење Фатах на тема палестинско единство, објави Reuters повикувајќи се на неименуван дипломатски извор во Пекинг.
Неименуван функционер на Фатах изјавил за Reuters дека делегација предводена од високиот функционер Азам ал-Ахмед отпатувала во Кина, додека од Хамас потврдиле дека нивна делегација, предводена од високиот функционер Муса Абу Марзук, ќе пристигне во Кина подоцна ноќта од петокот кон саботата.
„Го поддржуваме зајакнувањето на авторитетот на палестинската национална управа и ги поддржуваме сите палестински фракции во постигнувањето на помирување и зголемување на солидарноста преку дијалог и консултации“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, на редовниот брифинг во петокот без да го потврди состанокот.
Станува збор за првата официјална посета на претставник на Хамас на Кина од почетокот на војната во Појасот Газа. Според кинеското Министерство за надворешни работи, кинескиот дипломат Ванг Кеџијан се сретнал со шефот на Хамас, Исмаил Ханије во Катар минатиот месец.
Дипломатот со седиште во Пекинг, информиран за ова прашање, рекол за Reuters дека разговорите имаат цел да ги поддржат напорите за помирување на двете палестински ривалски групи.
Кина во последно време покажа растечко дипломатско влијание на Блискиот iсток, каде што остварува силни врски со арапските сунитски земји и шиитски Иран. Минатата година, така, Пекинг посредуваше во мировниот договор меѓу долгогодишните регионални непријатели Саудиска Арабија и Иран.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно во петокот изјави разговарал со кинескиот претседател Кси Џинпинг и други официјални претставници во Пекинг, како Кина може да игра конструктивна улога во глобалните кризи со инсистирање Пекинг да ја прекине поддршката на Русија, вклучително и на Блискиот исток.
Кинеските власти го засилија застапувањето за Палестинците на меѓународните форуми во последниве месеци, повикувајќи на поголема израелско-палестинска мировна конференција и конкретен распоред за спроведување на решението со две држави.
Во февруари, Пекинг го повика Меѓународниот суд на правдата (МСП – iCJ) да го даде своето мислење за израелската окупација на палестинските територии, за која рече дека е нелегална. Во последниот период, Пекинг притиска Палестина да добие полноправно членство во Обединетите нации, за што шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји минатата седмица изјави дека „ќе ја исправи долгата историска неправда“.
Хамас ја освои власта во Газа на парламентарните избори во 2006 година, по што Фатах следната година беше истиснат од енклавата поради непризнавање на изборните резултати, на кои беше поттикнат од американските посредници во израелско-палестинските преговори. Фатах оттогаш има ограничена самоуправна моќ на Западниот брег (на реката Јордан), која меѓународната заедница заедно со Источен Ерусалим ги смета за окупирани палестинските територии од Израел во војната во 1967 година.
Вашингтон е претпазлив од потезите за помирување на двете групи, бидејќи ја поддржува Палестинската самоуправа, а го назначи Хамас како терористичка организација, особено по нападот без преседан според организраноста, масовноста и свирепоста во јужен Израел ланскиот 7-ми октомври.