Кошаркарите на белградски Партизан ја совладаа подгоричка Будуќност со резултат 78:67 во првиот натпревар од полуфиналната серија на АБА лигата и на тој начин дојдоа на една победа до пласман во финалето.
Од самиот почеток на мечот „црно-белите“ беа подобри и предводени од Зек Ледеј и Франк Камински ја создадоа почетната предност (19:14), а со третата „тројка“ на Ледеј, разликата стана двоцифрена 27:16. Сепак, првиот дел го одбележа забивањето на Камински, а се чинеше дека играчите на Партизан не можат ништо да промашат.
Но почетокот на вториот дел се карактеризираше со крајно збунета игра на двете екипи, каде Будуќност се снајде нешто подобро и успеа да ја намали разликата не толку со одличната игра, туку поради бројните лоши напади на Партизан, чии играчи постигнаа само два поени за шест ипол минути игра. Жељко Обрадовиќ мораше да реагира и да побара тајм-аут, а Џејлин Смит и Ален Смаилагиќ го претворија во нова серија за „црно-белите“, кои на полувремето имаа 12 поени предност, 41:29.
Кога Ален Смаилагиќ со „тројка“ го доведе Партизан до предност 56:40, се чинеше дека тимот од „Хумска“ лесно ќе ја оствари првата победа. Но Партизан повторно падна во криза, не успеваше да доаѓа до лесни поени а на спротивната страна се разигра Џоги Ферел, па Будуќност вп еден момент се доближи и до едноцифрено заостанување. Сепак, Ледеј и Кевин Пантер во клучните моменти погодија „тројки“, а Пантер реализираше и три слободни фрлања, па на крајот резултатот беше 78:67.
Ледеј го предводеше „црно-белиот“ тим до победата со 15 поени, Камински додаде 13, а двоцифрени беа и Кевин Пантер и Алекса Аврамовиќ со по 11 поени. Кај гостите од Подгорица Жоан Маконду постигна 14 поени, Ферел додаде 13, а Кенан Камењаш 12.
Следниот натпревар во Подгорица е закажан за 7-ми мај, каде домаќин е Будуќност. Серијата се игра на две победи.
Во второто полуфинале се среќаваат Црвена звезда и Мега.