
На 16 април годинава холандскиот Сенат конечно го усвои законот со кој после повеќе од 60 години од работењето, трајно се запре производството на природен гас во најголемата движечка сила на европската гасна индустрија – гасното поле во Гронинген.
Нормалното производство на природен гас во гасното поле на северот од Холандија беше прекинато во октомври минатата година по долгогодишно намалување на производството со цел да се ограничи сеизмичката активност поврзана со децениското извлекување на гасот што оштети повеќе од 85.000 локални згради во регионот.
Полето за природен гас, некогаш најголемиот снабдувач со природен гас во Европа, во последниве месеци се чуваше како ладна резерва за кризни ситуации, но Владата предложи закон со кој гасното поле целосно ќе се затвори до 1 октомври 2024година.
Законот ќе остави огромни неискористени резерви на природен гас(450милјарди) во земјата при што беше предмет на критика од страна на некои политичари и лоби групи на гасната индустрија, кои беа на став дека таквиот превземен чекор на власта може да ја загрози сигурноста на снабдувањето со природен гас во земјата.
Сенатот на почетокот на месец април го одложи финалното гласање на законот, бидејќи неколку политички фракции во Сенатот сметаа дека треба да се обезбедат дополнителни гаранции дека донесувањето на законот нема да ја наруши сигурноста на снабдувањето во државата. Овој потег ја налути и владата и локалните власти во северната провинција. Министерот за рударство Ханс Вилбриф, кој беше најголемиот гласноговорник за затворањето на гасното поле, се закани со поднесување на оставка доколку и понатаму се одолговлекува процесот на донесување на законот од страна на законодавниот дом и на тој начин се пролонгира неизвесноста од последиците од зачестените земјотреси за луѓето кои живеат во погодениот регион.
Без донесување на предметниот закон, производството на природен гас би можело да продолжи во гасното поле.
Со полето управува гасната компанија „NAM“, настаната како заеднички влог на компаниите „Shell“, и „ExxonMobil“, кои побараа од арбитражниот суд да одлучи дали холандската држава треба да ги обесштети компаниите за предвременото затворање на производниот процес во Гронинген.
Владата на Холандија за медиумите изјави дека се обидела да направи нови аранжмани со компаниите уште во 2020 година и дека е во исчекување на исходот од арбитражата која значително ќе влијае на сиот тој процес. Во неколку наврати истата го повтори својот став дека запирањето на производството е потребно за да се обезбеди безбедноста на граѓаните во регионот и дека не е оправдано барањето за компензација на гасните компании.
Како ќе влијае затворањето на гасното поле Гронинген на најликвидната берза „ТТF“ во Холандија?
Во изминатиот период се изготвија низа на документи – студии, анализи и извештаи од страна на гасната индустрија и европските истражувачки центри кои дадоа свои различни видувања за влијанието од затворањето на гасното поле Гронинген врз најликвидната европската берза за гас „ТТF“.
Генералниот став на експертите од гасната индустрија е дека затворањето на гасното поле Гронинген нема да има значително влијание на цените на „ТТF“, бидејќи ограничувањата во производството беа имплементирани постепено и на тој начин не се предизвика шок во снабдувањето со гас. Дополнително, ако се земе во предвид дека учеството на гасот од гасното поле Гронинген претставува околу 2% од вкупниот волумен на природен гас со кој се тргува на берзата во „ТТF“, очкувано е овие количини на гас лесно да се заменат со увоз на слободниот пазар.
Сепак не е така. Во еден агенциски извештај се наведува дека минатогодишната одлука на холандската Влада за конечно затварање на наоѓалиштето за природен гас во Гронинген предизвикало голема нестабилност во трговијата со природен гас. Согласно на мислењето на трговците со природен гас самата вест дека Владата донесла одлука за трајно запирање на производството на природен гас во Гронинген ги предизвикало ценовните турбуленции на берзите за гас. Во тој период за прв пат во гасната историја англиската берза за гас „NBP“ била поконкурентна во однос на цените на гасот од холандската берза за гас „ТТF“.
Очигледна е ваквата „волатила“ на цената на гасот на холандската берза ако се земе во предвид дека во текот на 2013 година Холандија имаше производство од 50 милјарди метри кубни природен гас за задоволување на сопствените потреби и за потребите од транзит кон други држави при што од профитот од продажбата на гасот се инкасираа 13 милјарди евра во државната каса. Во текот на минатата година Холандија за задоволување на сопствените потреби и за транзит оствари увоз на количини на гас по морски пат (ЛНГ) во висина од 25 милјарди метри кубни и дополнителен увоз од 31милјарда метри кубни на природен гас преку копнен пат. Увозот на скапиот странски гас само во изминатата година принуди 30% од домаќинствата во Холандија наместо гас за затоплување на сопствените домови да користат огревно дрво како поефтин енергенс, при што ваквиот нееколошки начин на затоплувње на домовите во „зелената“ Холандија придонесе емисијата на аеро честички (РМ) во државата да се зголеми на алармантно високо ниво.
Како што знаете процесот на гасификација во Република Македонија беше започнат токму со цел да придонесе за значително подобрување на квалитетот на амбиеталниот воздух и намалување на загадувањето на воздухот од аеро честички(РМ), главно поради греењето на просториите на цврсто гориво и нафта во домаќинствата и комерцијалниот сектор (Последните податоци за периодот од 2004 до 2017 година покажуваат дека во текот на целиот период, населението во поголемите градови било изложено на концентрации на РМ честички што ги надминуваат дозволените гранични вредности).
Ако се земе во предвид дека од почетокот на производството во 1960-тите години профитот од гасот во Гронинген и донесе на државата финансиски приходи од околу 363 милијарди евра, повеќе од јасно е дека со затворањето на гасното поле во Гронингем гасната индустрија во државата повеќе нема да биде централниот столб на холандската социјална држава и нејзината енергетска сигурност.
Автор: дипл.маш.инж Горан Николовски, експерт за гас, ЕУРЕМ и УНИДО европски енергетски менаџер за НетПрес