Традиционално, и годинава на 7 мај, во градот на поезијата, во Струга ќе се одржи сенародната Струшка еордија (литија), со моштите на Свети Георгиј Победоносец, неговата чудотворна икона, како и Крнинската чудотворна икона на Богородица. На раскошно украсени епитафи, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, со моштите на Свети Георгиј Победоносец, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ќе тргнат од храмот посветен на светителот, ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата, и ќе го осветат градот.
Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица за МИА информира дека годинава се планирани многу новини на литијата, за кои јавноста дополнително ќе биде известена. Според традицијата, и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на Свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносните сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, која е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
„На чело на еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица-Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот антаниски г. Партениј, и најпосле најголемата светиња – моштите на светецот во раскошно украсен епитаф“, појасни сестра Ефимија.
Моштите, како што додаде таа, и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на кој е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат исто така облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.
„Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од нашиот манастир во Рајчица, а чудотворната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста во Кичево. Овие големи светињи ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. Во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, по што ќе следува еордијата, која ќе започне веднаш по богослужбата во 17 часот. Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата и повторно ќе се врати во црквата“, истакна сестра Ефимија.
Верниците и сите добронамерници ќе се движат по гардата, а оние што не можат да се вклучат во литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите: Христос воскресна! Навистина воскресна