Тошковски по повод Денот на македонската полиција: Тоа се луѓето кои секојдневно ги ризикуваат своите животи работејќи во недостоинствени услови

На одбележувањето на Денот на македонската полиција во скопската населба Аеродром присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во земјата, а во рамки на прославата имаше изложба и презентација на опрема на различни полициски единици.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, заблагодарувајќи им на полицајците на одбележувањето на денот на македонската полиција кажа дека работат во недостоинстевни услови.

„Ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата“, рече техничкиот министер Тошковски

„Се навршуваат сто дена од моето раководење со оваа значајна институција, сто дена макотрпна работа, во кои го дадовме најдоброто од себе за да им служиме на граѓаните. Кога ја добив честа да бидам назначен на оваа позиција во рамките на техничката Влада, знаев дека ме очекува напорна задача и знаев дека сум исправен пред тежок и сериозен предизвик, но ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, а истовремено и дека ќе сведочам на толку неизмерна желба меѓу нив за професионално и чесно да си ја вршат својата должност и да им помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно. Краток период, би рекол, но сметам дека е и повеќе од доволен за да увидам одблиску дека во полициските редови сѐ уште има чесни луѓе, луѓе што си ја сакаат татковината и луѓе што работат за нејзино добро“, рече Тошковски.

Изрази задоволство што под негово водство полицијата успеала да обезбеди фер и демократски избори. Најави нова ера во Министерството, каде што унапредувањето ќе се врши исклучиво врз основа на мерит-систем, а платите ќе го одразуваат непроценливиот придонес што го даваат полицајците за општеството.

„На истекот на овие сто дена научив една многу важна лекција, која се надевам дека ќе одекне меѓу сите вас што сте тука денес. Можеби хероите во филмовите носат наметки, но хероите од нашата реалност носат полициски униформи“, рече техничкиот министер за внатрешни работи, Тошковски.

Им врачи благодарници и плакети на најдобрите полицајци.

„Денешниот ден е посветен на македонската полиција. Тоа се луѓето кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја заштитат заедницата во која живееме, за да ја направат Македонија подобро и побезбедно место за сите. Буквално секој ден, без престан, во секој град, низ целата земја илјадници полициски службеници вршат несебична и благородна работа, надвор од удобноста на домот и семејството, во непредвидливи услови и често опасни ситуации, во постојана пресметка со криминалот – за да ги заштитат граѓаните, за да ја зголемат безбедноста во државата.

Почитувани колеги, како ваш министер за внатрешни работи, моја свечена должност и непоколеблива определба е да ги вратам достоинството, честа и почитта што со сигурност ги заслужувате.

Мора да изградиме полиција каде ќе бидат почитувани правата на нејзините припадници, но и самите тие ќе имаат одговорност кон граѓаните на кои им служат. Полиција која ќе биде партнер и пријател на чесните граѓани и најстрог непријател на криминалците.

Дозволете ми на крајот, честитајќи ви го големиот 7 –ми мај Денот на македонската полиција, да ви порачам и да ви посакам, сега како никогаш порано да бидете истрајни и доследни во сите аспекти на вашите професионални ангажмани, согласно словото на законите, да ги демонстрирате вашите знаења, вашата правдољубивост, вашиот патриотизам, во интерес на нашата држава, во интерес на сите наши граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, порача во своето обраќање до припадниците на полицијата, министерот Тошковски.