На состанок во Мар-а-Лаго (Флорида) со директори од американската нафтена индустрија, Доналд Трамп побарал донација од милијарда долари за неговата изборна кампања, а во исто време предложил повлекување на повеќе еколошки закони и одлуки донесени од Џо Бајден. На состанокот еден од директорите се пожалил дека и натаму се соочуваат со сериозни проблеми предизвикани од еколошката регулатива и покрај тоа што само минатата година имаат потрошено 400 милиони долари на лобирање кај Бајден.
„Одговорот на Трамп стаписал неколку директори присутни на состанокот: Вие сте доволно богати, рекол тој и треба да соберете милијарда долари за да ме вратите во Белата куќа,“ објави „Вашингтон пост’.
Освен што побарал пари, тој побарал и нивно мислење за тоа како треба да изгледа неговата идна „зелена“ политика.
Трамп отворено смета дека климатските промени се „измама“.
Инаку, Бајден во изминатите четири години има донесено над 300 најразлични мерки за справување со климатските промени, заштита на животната средина, промоција на јавното здравје и чиста енергија.