Во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ гостуваше членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски кој што го осуди отсуството на поранешниот претседател Стево Пендаровски на инаугурацијата на Гордана Силјановска Давкова.
„Една битна разлика во нашето општество и нашата држава, кога губиме го губиме спортскиот дух и не можеме да прифатиме пораз а не прифаќањето на пораз понатаму води до непромислени потези. Отсуството на поранешниот претседател Стево Пендаровски е за секоја критика, негова и наша одлика е да го почитуваме чинот на избор и институцијата претседател на Републиката“ кажа Клековски.
Клековски во однос на состојбата во СДСМ по поразот истакна дека очекува Димитар Ковачевски да се повлече.
„Не би сакал да коментирам развој во СДСМ во овој момент меѓутоа од мое лично искуство претседатели на партија однадвор тешко се вкоренуваат. Генерално еден од проблемите на Димитар Ковачевски е што неговиот стаж во самата партија со тоа неговиот социјален капитал во самата партија беше тенок. Бидејќи тој беше експресно промовиран во новата функција. Претседател на партија е некој што треба да има одредено партиско искуство, да е присутен во партијата, да учествува во работата на различни партиски тела, така да моето очекување е дека ќе се повлече“ истакна Клековски.
Во однос на говорот при инаугурацијата на Силјановска, Клековски истакна дека имала одличен говор во секој поглед и сите теми кои се суштествено важни за Македонија.
„Гордана Силјановска Давкова имаше еден нов невообичаен пристап во обраќањето во Собранието, за мене беше тој свеж, поинаков, беше многу добар, одличен пристап од сите можни елементи кои заслужуваат целосна поддршка, како претседателка на сите, и на лево и на десно, како поддршка на систем на заслуги, мерит систем, владеење на правото, како родова еднаквост, или жени на врвни позиции во политиката ниту еден од овие делови не наиде на коментар а сите се суштествено важни за Македонија“ нагласи Клековски.