Највисоките партиски органи на СДСМ следната недела ќе одржат состаноци на кои ќе се извршат подготовките за свикување отчетен Конгрес, согласно статусот на партијата, по поразот на двојните избори кои ги претрпе партијата и најавите за смена на раководството, објави МИА
– Во тек се подготовки за процесите што ќе се случуваат во партијата, согласно статутарните постапки и она што беше јавно соопштено досега, по изборите. Наредната недела се планирани состаноци на раководството на СДСМ и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес, согласно Статутот на партијата.
На отчетниот Конгрес, како што наведуваат оттаму, ќе се рагледаат причините за изборниот резултат, спроведените анализи и поднесените извештаи за работењето на партијата.
– Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ.
Досегашната владејачка партија претрпе пораз на претседателските и парламентарните избори. Поранешниот претседател Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, кој се бореше за втор мандат на вториот круг од претседателските избори загуби од неговата противкандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, освојувајќи 251.899 гласови или 29,25 отсто, наспроти 561.000, одноно 65,14 отсто за новата шефица на државата.
По поразот на изборите оставки од партиските функции поднесоа потпретседателите на СДСМ, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска и Перо Костадинов, додека дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се повлече од функцијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ.