Инфлацијата во Европската унија во април се задржала на нивото од претходниот месец, додека Романија, Хрватска и Белгија, имаат најголем раст на потрошувачките цени во споредба со истиот период претходната година, објави во петокот Eurostat.
На ниво на целата ЕУ, годишната стапка на инфлацијата, мерена преку хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој овозможува споредба меѓу земјите-членки, во април, како и претходниот месец, изнесувала 2,6 отсто. На месечно ниво, пак, цените се зголемиле за 0,6 отсто, откако во март беа зголемени за 0,7 отсто, покажуваат табелите на Европската статистичка служба.
Годишната стапка на инфлација во еврозоната, мерена со HICPП, во април, како и во март, изнесувала 2,4 отсто, покажува првата проценка на Eurostat.
Услугите најмногу пораснале во април на годишна основа во 20-члената еврозона, за 3,7 отсто, по растот на цените од 4 отсто во мартс, според податоците ревидирани на крајот од април. Свежата храна поскапела за 1,2 отсто во однос на април минатата година, откако во март беше поевтина првпат од јуни 2021 година, за 0,5 отсто.
Цените на енергијата паднале и во април, за 0,6 отсто, но значително поблаго од март, кога беа за 1,8 отсто пониски во однос на истиот месец лани.
На месечно ниво, во 20-члената економија, потрошувачките цени во април пораснале за 0,6 отсто, по растот од 0,8 отсто во март.
Во април минатата година годишната стапка на инфлација во еврозоната изнесуваше седум отсто, а на ниво на цела ЕУ достигна 8,1 отсто, покажуваат табелите на Eurostat.
Романија имала убедливо највисока годишна стапка на инфлација во април, од 6,2 отсто, според извештајот. Следува Белгија со 4,9 отсто пораст на потрошувачките цени на годишно ниво. По неа следи Хрватска, најновата членка на еврозоната, со цени за 4,7 отсто во однос на април 2023 година, кога годишната стапка на инфлација достигна 8,9 отсто. Во март цените се зголемени за 4,9 отсто во однос на истиот период лани.
Во април, според HICP, најблаг раст на потрошувачките цени на годишно ниво има Литванија, од 0,4 отсто, потоа следат Данска и Финска со раст на цените од 0,5, односно 0,6 отсто.
На месечна основа, цените убедливо најмногу пораснале во Малта, за 2,8 отсто, а потоа на Кипар со раст од 1,4 отсто.
Дефлација на месечно ниво во април забележале само Белгија и Бугарија, при што цените паднаа за 0,3, односно 0,1 отсто во однос на март, покажуваат табелите на Eurostat.