Полска ќе инвестира повеќе од две милијарди евра во зајакнувањето на својата источна граница

Полска ќе инвестира повеќе од две милијарди евра во безбедноста и зајакнувањето на нејзината граница со Русија и Белорусија, која ја претставува и источната граница на Европската унија и на НАТО, изјави во саботата премиерот Доналд Туск.

„Решивме да инвестираме 10 милијарди злоти или околу 2,34 милијарди евра во нашата безбедност, а особено во обезбедувањето на нашата источна граница“, изјави Туск на новинарите при претставувањето на проектот наречен „Источен штит“.

„Овој фортификациски систем, кој зајакнува 400 километри од границата со Русија и Белорусија, ќе биде елемент на одвраќање, стратегија за отфрлање на војната од нашите граници“, додаде Туск прецизирајќи дека работата е веќе започната.

Полска, чија територија се граничи со руската енклава Калининград и со Белорусија, како и со Украина, наводно стравува дека таа ќе биде следната цел на воена акција на Русија.

Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Полска која е историски антгонизирана со Русија е безусловен поддржувач на сегашната власт во Киев и главната транзитна земја за западното оружје што му се доставува.

Соочена со наводнта руската закана, Варшава презеде брза модернизација на својата војска со одбранбен буџет од околу 4 отсто од бруто домашниот производ, највисок меѓу земјите на НАТО. Варшава започна и серија набавки на воена опрема, вредна милијарди долари, главно во САД и Јужна Кореја, станувајќи најдоследен следбеник на политиките на Вашингтон во Европа.