Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг на неодамнешната средба во Пекинг, главно дискутирале за иницијативата на Пекинг за глобалната безбедност, откри во саботата шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
„Иницијативата на претседателот Кси Џинпинг за глобалната безбедност беше дискутирана во време на нашиот престој во Кина на средбите и во рамките на делегациите, како и на средбата на двајцата челници во четири очи… Гледаме голем резон со практичната промоција на идејата за осигурување на глобалната безбедност да се започне со основите за евроазиската безбедност без каков и да е евроатлантски налет“, рече Лавров на сесија на рускиот Совет за надворешна и одбранбена политика.
Во продолжение шефот на руската дипломатија истакна дека Москва останува и натаму отворена за дијалог со Западот, вклучително и за безбедносните прашања и стратешката стабилност.
„Меѓутоа, првенствено, не до позиција од сила, не од позиција на сопствена исклучителност, туку само под еднакви услови и со почитувањето на меѓусебните интереси“, порача Лавров.
Вториот момент што е особено важен за Москва, додаде рускиот министер за надворешни работи, е дека дијалогот мора да се води во целиот опсег на проблемите кои постојат во денешниот свет во сферата на стратешката (нуклеарна) безбедност и воено-политичкиот пејзаж.
Путин претходно седмицава во средата и четвртокот, набрзо по инаугурацијата на неговиот нов претседателски мандат, замина во официјална посета на Пекинг каде имаше разговори со својот голем сојузник Кси Џинпинг, кои со интерес беа исчекувани во светската јавноста на која ѝ беше понудена заедничка изјава којашто сепак не откри многу за специфичните поединости од разговорите освен некои општи моменти и демонстрирање на зближувањето на Пекинг и Москва во услови кога двете земји се во безбедносна спротиставеност со ткн колективен Запад предводен од САД и се под економски санкции.
Како што истакна рускиот лидер, Москва и Пекинг „водат независна, независна надворешна политика и работат заедно за да формираат поправеден и подемократски мултиполарен светски поредок“. Кси, пак, истакна дека Кина и Русија „цврсто го бранат системот на меѓународни односи со централната улога на ОН и светскиот поредок заснован на меѓународното право, промовираат мултиполарна светска и економска глобализација“.