Ватикан и Рим се дестинациите за првата официјална странска посета на Силјановска Давкова во претседателскиот мандат

Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова својата прва официјална посета во странсвто ќе ја оствари во Ватикан и во Рим каде ќе ја предводи државно црковната делегација за традиционалното мајско чествување на светите браќа Кирил и Методиј.

На 23-ти мај, според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск а потоа средба и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24-ти мај со посета на базиликата „Свети Климент“ каде се наоѓа гробот на свети Кирил, а потоа и во базиликата „Санта Маријаа Маџоре“ каде венец ќе положи на плочата со посвета на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со колегата Серџо Матарела.

Сѐ уште не е познато дали Силјановска Давкова ќе оствари средба или само службено куртоазно ракување со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е, исто така, најавено по истиот повод.