Членот 368 од Законот за облигациони односи е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, при што должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата. Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт.
„Искрено се надеваме дека Уставниот суд, со целокупниот свој професионален интегритет и капацитет, внимателно ќе ги разгледа новите иницијативи кои се однесуваат на овој член и во скор рок ќе го разреши овој правен проблем, кој во пракса создава низа проблеми, за граѓаните, компаниите и институциите“, подвлекуваат од Адвокатската комора на Македонија.
Измените на законот за облигациони односи се спротивни на основните темелни вредности на Уставот и во праксата создаваат низа проблеми. Одредбите од член 368 од ЗОО, по донесените измени, се во директна спротивност со Законот за извршување, според кои, а согласно член 93 и 111, извршителот не може да го запре извршувањето поради апсолутна застареност на извршување.
Покрај другите проблеми што ги предизвикаа овие законски измени, се појавуваат и низа прашања, како на пример: Што ќе се случува со данокот на додадена вредност и другите даноци кои фирмите ги плаќаат однапред, пред да го платат долгот? Ова особено се однесува на данокот на добивка. Како резултат на ваквите законски измени фирмите се доведуваат во ризик и од намалување на ликвидноста. Физичките лица односно граѓаните, кои не можат да ги наплатат своите побарувања, ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи.
Адвокатската комора изврши и компаративни анализи на законските решенија што ја регулираат оваа област во другите држави. Имено, анализите покажаа дека многу од земјите како што се Хрватска, Босна и Херцеговина и други ги имаат истите одредби како што беа одредбите во Република Северна Македонија пред донесувањето на овие законски одредби. Исто така, комората напоменува дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, согласно воспоставената пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите. Ова значи дека сите граѓани во Република Северна Македонија ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите. Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право, бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, донесена за случајот „Бочварска против Република Македонија“ под број 27865/2, каде судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост.