Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека одлуката од претходно од понеделникот на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд со која се бара налог за негово апсење е апсурдна и е насочена кон цел Израел.
„Со гадење ја отфрлам споредбата на обвинителот во Хаг меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас. Со каква дрскост го споредувате Хамас кој ги убиваше, палеше, масакрираше, силуваше и киднапираше нашите браќа и сестри и војниците на израелската војска кои водат праведна војна“, рече Нетанјаху.
Го нарече потегот на обвинителот на МКС нов тип на антисемитизам.
„Граѓани на Израел, ви ветувам едно – обидот да ни ги врзат рацете нема да успее. Како премиер на Израел, ветувам дека ниту еден притисок и ниту една одлука на ниту еден меѓународен форум нема да нѐ спречи да ги удриме оние кои сакаат да нѐ уништат“, додаде Нетанјаху.
Израелскиот претседател Херцог, коментирајќи ја веста за налозите за апсење за воени злосторства, кои покрај лидерите на Хамас се однесуваат и на двајца високи израелски политички челници, вклучително и самиот премиер Нетанјаху, рече дека одлуката на обвинителот на МКС е „повеќе отколку срамота“ и ќе ги охрабри терористите ширум светот.
„Секој обид да се повлечат паралели меѓу овие ѕверски терористи и демократски избраната влада на Израел – која работи на исполнување на својата должност да ги брани и заштити своите граѓани во целосна согласност со принципите на меѓународното право – е срамота и не треба да биде прифатена од никого“, рече Херцог.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, побара од судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) да одобрат налози за апсење на тројца лидери на Хамас и двајца израелски водечки политичари за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на седуммесечната војна во Газа, објави во понеделникот судот.
Во објаснувањето на барањето за одобрување на налозите за апсење, Кан наведува дека, врз основа на доказите собрани и анализирани од неговата канцеларија, постојат разумни основи да се верува дека Јахја Синвар (лидерот на исламистичкото движење Хамас во Појасот Газа), Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, попознат како Деиф – командант на таканареченото вооружено крило на Хамас – Бригадата ал-Касам и шефот на Политбирото на Хамас, Исмаил Ханије, се кривично одговорни за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени на територијата на Израел и државата Палестина од најмалку 7 октомври 2023 година, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант од 8 октомври.
Во првите реакции, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го нарече потегот на МКС „скандалозен“ и нагласи дека „ниту една сила на Земјата“ нема да го спречи Израел да ги врати заложниците и да го уништи Хамас. Рече и дека отворил „специјална воена соба“ за да се спротистават на потегот на МКС.
Министерот во воениот кабинет на Израел, Бени Ганцм рече дека станува збор за „злосторство од историски размери“. „Да се повлече паралела меѓу лидерите на една демократска земја решена да се брани од одвратниот терор на водачите на крволочната терористичка организација (Хамас) е длабока перверзија на правдата и флагрантен морален пад“, рече Ганц.