На Волстрит во понеделникот индексот Dow Jones се лизна од рекордното ниво, додека индексот Nasdaq достигна рекордни нивоа, благодарение на силниот раст на цените на акциите на производителите на чипови.
Dow Jones загуби 0,49 отсто, на 39.806 поени, додека S&P 500 порасна за 0,09 отсто, на 5.308 поени, а индексот Nasdaq 0,65 отсто, на 16.794 поени.
Највисокото ниво на Nasdaq беше достигнато благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, при што акциите на „Nvidia“ беа меѓу најголемите добитници, со скок на цената од 2,5 отсто.
Најмалку три брокерски куќи ги зголемија своите целени цени на акциите на „Nvidia“ пред кварталниот извештај за заработката на производителот на чипови во средата. Извештајот од „Nvidia“, водечки производител на чипови за вештачка интелигенција, ќе покаже дали побарувачката за овие чипови останува силна.
„Доколку резултатите на ‘Nvidia’ се подобри од очекуваните, тоа би можело да го поттикне растот на пазарот, иако не верувам дека овој раст би бил значаен, бидејќи сè ми изгледа скапо во моментов. Само Fed може значително да го поттикне растот на пазарот со намалување на каматните стапки, но податоците за инфлацијата досега не поддржуваат таков потег“, вели Стивен Масока, потпретседател во компанијата „Wedbush Securities“.
Цените на акциите на Волстрит значително пораснаа минатата седмица бидејќи малку подобрите од очекуваните податоци за инфлацијата ги поттикнаа шпекулациите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки двапати во втората половина од годината, во септември и декември, за по 0,25 проценти.
Покрај деловниот извештај на „Nvidia“, оваа седмица инвеститорите ќе се фокусираат на записникот од последниот состанок на Fed, како и на коментарите на шефот на централната банка, кој со седмици предупредува дека инфлацијата се уште е над целните нивоа и дека треба да се биде трпелив за намалување на каматните стапки.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,05 отсто, на 8.424 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,35 отсто, на 18.768 поени, а париски CAC 0,35 отсто, на 8.195 поени.