Кина се надева дека МКС ќе биде објективен и непристрасен

Кина во вторникот соопшти дека се надева дека Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) ќе одржи „објективен“ став откако објави дека се бараат налози за апсење на израелските водечки функционери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и лидерите на палестинското движење Хамас за воени злосторства извршени за време на седуммесечната војна во Газа.

„Се надеваме дека МКС ќе ја задржи својата објективна и непристрасна позиција и ќе ги искористи своите овластувања во согласност со законот“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Ванг Венбин, повикувајќи на прекин на „колективното казнување на палестинскиот народ“.

Запрашан за тоа во вторникот, кинескиот дипломат рече дека има „широк консензус во меѓународната заедница веднаш да се запре војната во Газа и да се стави крај на хуманитарната криза на палестинскиот народ“.

„Кина отсекогаш била на страната на правдата и меѓународното право за палестинското прашање“, рече Ванг, додавајќи дека Пекинг ги поддржува „напорите за промовирање на сеопфатно, праведно и трајно решение за палестинското прашање“.