Дебата: Стресот негативен и за работникот и за работодавецот

Стресот е еден од клучните фактори кои негативно влијаат врз здравјето на работниците. Околу 80 проценти од анкетираните граѓани го посочиле стресот како првото нешто што би го елиминирале во работата, покажуваат резултатите од неодамнешното истражување на Македонското здружение за заштита при работа.

Од ова здружение велат дека генерално сите професии се стресни и оти за надминување на оваа појава е потребно да постои добра комуникација меѓу вработените и работодавачот.

– Секоја професија во Македонија е стресна самата по себе. Штом 80 проценти од активно работоспособното население дефинира дека стресот е првото нешто што би го елиминирале како непосредна штетност тогаш генерално чувството на стресност во Македонија е присутно, изјави претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски пред денешната дебата за стресот на работното место.

Експертите предупредуваат дека стресот не само што негативно ќе се одрази врз здравјето на вработениот, туку ќе му предизвика и дополнителни трошоци на работодавецот, кој ќе треба да му плаќа боледување на отсутниот работник и да ангажира друго лице на местото на отсутниот работник.

– Едно истражување направено во Велика Британија покажува дека трошоците поврзани со несреќа која го одалечува работникот од работното место во период од три месеци чини околу 50 илјади фунти. Нашето истражување направено по истата методологија покажува дека трошоцоте би биле околу 120 илјади денари, истакна Петковски.

Со денешната дебата како централен настан, Македонското здружение за заштита при работа ја одбележува Европската недела за безбедност и здравје при работа.

Европската недела за безбедност и здравје при работа е настан на Европската агенција за безбедност и здравје при работа и се одбележува во сите земји членки и државите кандидати на Европската унија.