Косовските власти во северниот дел на поранешната јужна српска покраина затворија шест филијали на српската банка Поштенска штедилница, што би можело дополнително да ги влоши односите на Приштина и Белград.
Во текот на акцијата во понеделникот, косовската полиција конфискувала околу 1,6 милиони евра, 74,7 милиони српски динари (околу 636 илјади евра) и помали суми пари во други валути, пишува во вторникот приштинскиот весник Koha ditore.
Десетици илјади Срби живеат на северот од поранешната покраина Косово и Метохија по погромот во 2004 година кога српското население беше протерано од поголемите градови и другите делови на областа со мнозинско албанско населние, а тензиите со властите во Приштина веќе се зголемија во последните месеци откако косовската влада ја укина употребата на српскиот динар.
Косовската централна банка во февруари го означи еврото како единствен начин на плаќање, прогласувајќи го динарот за нелегален. Преодниот период за етничките Срби заврши минатата седмица.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ го осуди затворањето на филијалите на Поштенска штединица, нарекувајќи го „чин на варварство“ што го загрозува опстанокот на Србите на Косово.
Американскиот Стејт департмент го критикуваше потегот на Приштина затоа што тој не бил координиран со партнерите во Косово и затоа што тој може да ги зголеми тензиите.
Операцијата ја критикуваше и портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, кој рече дека таа е „против духот на нормализацијата“ и ги загрозува тековните преговори.
Приштина, пак, тврди дека полициската интервенција била наводно надгледувана од претставници на мисијата ЕУЛЕКС, мисијата на Европската унија на Косово, како и КФОР, мировните сили на НАТО во земјата.