ФОТО|Мексико: На девет се зголеми бројот загинати во уривањето на бина во изборна кампања

Девет лица загинаа, а десетици други беа повредени во средата вечерта во североисточно Мексико кога се урна дел од бината подигната за предизборен митинг.

Самуел Гарсија, гувернерот на мексиканската држава Нуево Леон, изјави дека девет лица, меѓу кои и малолетник, се мртви а 50 други се здобиле со полесни и умерени повреди. На три лица им беше извршена операција.

На платформата X, Гарсија ги предупреди луѓето да не излегуваат надвор поради бури и ветрови кои не се вообичаени во областа.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изрази жалење на X за несреќата во Сан Педро.

Претседателскиот кандидат Хорхе Алварез Мајнез, од помалата централно-левичарска партија Movimiento Ciudadano (Движење на граѓани), беше на сцената со кандидатите за градоначалник на Сан Педро кога се случи несреќата, но тој излезе неповреден.

Видео снимката од настанот го сними моментот кога се урна бината и паниката што настана.

На 2 јуни во Мексико се одржуваат претседателски, парламентарни и покраински избори.