Македонско-грчкиот спор – Чин втори

Грчко-македонските односи се враќаат на стариот колосек. Побрзо од очекуваното! Нема ден грчкиот премиер да не се закани со вето, доколку новата македонска влада не го употребува уставното име и за внатрешни потреби. Ваквиот став е сосема логичен. Одбегнувањето на употребата на придавката „северна“ за грчката страна означува обид на новата македонска влада да воспостави двојна формула. Уставното име за надворешна употреба, а историското име за внатрешна. Нешто што е сосема спротивно на грчките национални интереси. За грчката страна, промената на името на македонската држава преставува клучен инструмент во процесот на демакедонизација на Македонија. Процес, кој таа се надеваше да биде довршен од страна на Бугарија.

Имено, историски гледано, националните движења ги создадоа модерните држави. Воспоставена е равенка помеѓу нацијата и државата. Нацијата катаднево ја чува државата, државата катадневно ја зајакнува нацијата. Државата и нацијата стануваа една целина. Оттука, секој обид оваа целина да се раздвои, може да биде само насилен. Преспанскиот договор македонската страна го ратификуваше насилно, исто како што насилно ги донесе уставните измени, за промена на историското име на државата. Ја раскина изградената спрега помеѓу нацијата и државата, но не го уништи македонскиот национализам. Скромните и непромислени обиди на претходната влада да воспостави историска равенка помеѓу Северна Македонија и македонската нација, завршија како што завршија. Нешто што само неуките не можеа да го предочат. Наивни беа очекувањата дека новата квази развенка ќе профункционира заради ветеното членство во Европската Унија. Националната историја, усна или официјална, сеедно, како и националниот фолклор, се најсилните оружја што ги создадоа модерните држави, но и најсилните оружја со кои мнозинството Македонци, како мнозински носител на државниот суверенитет, се спротивставија на овој единствен експеримент во светската историја. Обидите Бугарија да ги уништи овие оружја, сосема очекувано, предизвикаа контра ефект. Ги револтираа и членовите и симпатизерите на СДСМ.

Сето ова, грчката страна многу добро го знае. Од тие прични таа никогаш не го поддржа Преспанскиот договор. Како и мнозинството на грчките граѓани. Владата на Мицотакис јавно се колне дека ќе го почитува договорот, но само вербално. Купуваше време чекајќи, евентуално, Бугарија да ја заврши валканата работа. Мицотакис и неговите соработници во ниеден момент не ја прифатија тезата на поранешниот министер Коѕијас. За потсетување, тој во последниот текст за весникот „Катимерини“ вели: „… Договорот од Преспа удира и во срцето на одредени аспекти на иредентизмот. Нашиот пријател Северна Македонија призна дека историјата на Славомакедонците започнала во 7 век од нашата ера и не признава никаква поврзаност со Македонија на Александар Македонски (член 7 од договорот). Исто така, призна дека нивниот јазик немал врски со Античка Македонија, туку припаѓа на јужнословенското семејство јазици, како што предвидува договорот, што значи дека дошол илјада години по Кралството Македонија…“.

Ова не се продава на никого, а најмалку на Мицотакис. Секоја нација е резултат на два или три столба. Едниот од нив секогаш се и староседелците. На тој начин нацијата го обезбедува историскиот и културниот континуитет на територијата. Тоа е случај и со модерната грчка нација, со модерната бугарска нација, па ако сакате и со модерните европски нации. Тезата на Коѕијас за јазикот е трагикомична. Секој, што малку од малку ја познава историјата на јазиците, знае дека секој јазик е жива материја и катадневно се менува. Истото важи и за грчкиот.

Кажано поедноставно!

Преспанскиот договор е изграден на трули столбови. Тој всушност ништо не може да реши. Нема сила која во Грција ќе ги натера мнозинството Грци да прифатат македонска нација на север од нивната граница. Тие тоа не го кријат! Исто како што нема сила која ќе ги натера Македонците да се откажат од својата националност и историја. Вербалното опстојување на Грција е купување на време. Заканите на Мицотакис се демонстрација на сила насочена кон кршење на националната еуфорија, која по изборите се појави во Македонија. Ништо друго. Тој добро знае дека во услови на бугарско вето, грчкото не значи ништо.

Сепак, за македонската страна ваквата грчка позиција, требе да биде знак за будење. Еуфоријата никогаш ништо добро не донела. Во услови на разочараност може само да донесе радикална десна партија. Нешто што на Македонија не и’ треба. Во оваа фаза, вербалното прекршување на Преспанскиот договор може и требе да биде преоден чекор за сериозни разговори со грчката страна. А, тие не смеат да се случат пред завршување на целосни реформи во системот за национална безбедност, вклучувајќи ги и инструментите кои ќе овозможат за надворешно-политичките прашања, нацијата да зборува во еден глас. Дополнително, евентуалните разговори со Грција, но и со Бугарија, не би требало да продолжат пред завршувањето на војната во Украина. Следењето на грчко-турските односи и кипарското прашање, исто така не треба да се испуштаат од вид.

Автор: Јован Донев за НетПрес