Махамат Идрис Деби Итно, син на поранешниот владетел на Чад и привремен воен лидер на африканската земја, во четвртокот положи заклетва како нов претседател со петгодишен мандат.
Минатата седмица Уставниот совет ја потврди неговата победа со 61 отсто од гласовите на претседателските избори што се одржаа на 6 мај.
Деби ја презеде власта со група генерали во 2021 година по смртта на неговиот татко Идрис Деби Итно и го укина уставот. Неговиот татко владееше со земјата повеќе од 30 години пред тоа.
Од 2020 година, седум земји во Африка доживеаја промена на власта преку воени удари, речиси сите во франкофонската Западна и Централна Африка.
Чад е првата земја во таканаречениот појас за државен удар што одржува избори оттогаш. Махамат Идрис Деби Итно е шестиот претседател во историјата на земјата која има околу 19 милиони жители, а од 1960 година и нејзината независност од поранешната колонијална сила Франција, таа никогаш не доживеала мирен трансфер на власта.
Уставниот совет ги отфрли приговорите на опозицијата за изборниот резултат, која како и претставниците на граѓанското општество зборуваше за наводни „огромни“ изборни кражби. Второпласираниот на претседателските избори, Саксес Масра, во средата поднесе оставка од премиерската функција што ја извршуваше во преодната влада од почетокот на годинава.
Деби го назначи дипломатот Алах-Маје Халин за нов шеф на владата во четвртокот, објави државната телевизија. Назначувањето на доверливиот човек, кој служеше како шеф на протоколот на таткото на Деби и до неодамна беше амбасадор во Кина, но нема искуство во извршната власт, се смета за изненадување.
За разлика од другите воени челници во регионот, Деби е важен сојузник на Франција, која повторно распореди војници во Чад по државните удари во регионот Сахел. Чад се наоѓа на важна раскрсница меѓу кризните држави Судан, Либија, Нигер и Централноафриканската Република и и е засолниште на повеќе од милион бегалци кои бегаат од џихадситичкиот бунт во Сахле со кој француската војска не успеава да се справи цела деценија.