Собранието на ЕФЈ во Приштина го усвои текстот на ЗНС на резолуцијата за убиени и исчезнати новинари на Косово

Резолуција за убиените и исчезнатите новинари во Косово во периодот од 1998 до 2005 година, на која работеше Здружението на новинари на Србија беше едногласно усвоена денеска на Годишното собрание на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) што се одржува во Приштина, пренесе Бета.

ЗНС преку соопштение наведува дека поради протест не учествува на тоа собрание, а официјален предлагач, како што е претходно договорено, бил Управниот одбор на ЕФЈ.

Во Резолуцијата за истраги за убиствата на новинари на Косово, како што се наведува во соопштението, пишува дека Собранието на ЕФЈ бара Управниот одбор на таа федерација да побара УНМИК, ЕУЛЕКС и властите во Косово да формираат меѓународна експертска комисија која ќе помогне во истрагата за убиствата, киднапирањето и исчезнувањето на 19 новинари и медиумски работници во Косово во периодот од 1998 до 2005 година.

Собранието на ЕФЈ бара судиите и обвинителите од Белград и Приштина, претставници на меѓународните мисии кои беа задолжени за владеењето на правото во Косово (УНМИК и ЕУЛЕКС) да бидат вклучени во работата на меѓународната комисија како експерти, како и претставници на ОН и Здружението на новинари на Косово.

Се бара претставниците на Управниот одбор на ЕФЈ, во соработка со членовите, да работат на создавање услови за формирање меѓународна комисија за истрага на овие злосторства, како и директно да соработуваат обвинителствата од Белград и Приштина или со посредство на партнери од доверба на двете страни и редовно ја информираат јавноста за резултатите.

Со таа резолуција, од Специјалниот суд за воени злосторства на Косово беше побарано да отвори истраги за убиените и исчезнатите новинари и медиумски работници во Косово од 1998 до 2005 година.