Демири го разреши директорот на Кардиохирургија поради „меѓучовечки односи“

Министерот за здравство Илир Демири денеска соопшти дека го разрешил директорот на Кардиохирургија Маријан Шокаровски и од позиција на министер во заминување упати совет до наредниот министер, иако вели дека може и тој да биде, новиот директор да биде избран надвор од Клиниката.

-„До мене стигнаа наоди дека е зголемена смртноста на Клиниката. Формирав Комисија и извештајот го добив во петокот и немаше никакви значајни отскокнувања. Но, денеска добив друг податок, дека за 170 пациенти не се поднесени информации во ‘Мој термин‘ во однос на отпусни писма и умреници, така што претпоставувам дека таа бројка на смртност може да се промени. Му го прекратувам вршењето на функцијата на др. Шукаровски како медицински директор на Клиниката (н.з. Кардиохирургија). Друга причина е крајно нарушените меѓучовечки односи во една таква врвна институција. Недозволиво е нарушување на односите во таква институција, изјави на прес конеферанцијата Илир Демири, министер за здравство.

Шокаровски беше ставен за нов директор откако претходниот министер Фатмир Меџити го разреши долгогодишниот директор на Кардиохирургија, Сашко Јовев. Потоа беше регистриран и инцидент меѓу двајцата директори.